28 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗВашите права и обврски при сообраќајна контрола

Вашите права и обврски при сообраќајна контрола

policeee

Заради безбедност и заштита на патиштата, почитување на правилата на сообраќајот на патиштата од страна
на учесниците во сообраќајот, спречување на вршење на казниви дела против безбедноста на сообраќајот, како и откривање на нивните сторители и превземање на соодветни мерки, полициските службеници вршат регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата.

Во вршењето на полициските работи полициските службеници на учесниците во сообраќајот им укажуваат и соодветна помош, заради поголема безбедност на сообраќајот на патиштата.

Контрола на сообраќајот се врши на патиштата, возилата, возачите и другите учесници во сообраќајот и тоа со набљудување на возилата во движење или со нивно запирање и задржување на погодни места на патот.

Контролата најчесто се врши на делници и места на патот на кои зачестено се случуваат казниви дела со кои се загрозува неговата безбедност.

Сообраќајната контрола е составена од двајца полициски службеници. По исклучок , дење и во услови на редок сообраќај, контрола на сообраќајот може да врши и еден полициски службеник.

Контролите на сообраќајот на патиштата се вршат постојано или повремено.

Постојаната контрола на сообраќајот претставува покриеност на патот со патроли кои вршат контрола непрекинато во текот на 24 часа, додека повремената контрола на сообраќајот се врши во определен ден во неделата или во определено време во текот на денот.

Бројот на патролите, односно интензитетот на контролата во текот на денот или неделата, како и должината на патролните реони и патролните терени, се определува во зависност од густината на сообраќајот, бројот на сторени казниви дела против безбедноста на сообраќајот, како и од состојбата и карактеристиките на патот.

Во зависност од временските услови, должината на делницата, тактиката, методологијата на работа и други релевантни околности, командирот на полициската станица од општа надлежност на чие подрачје се врши контрола на сообраќајот, односно командирот на полициското одделение за безбедност на сообраќајот на патиштата во таа полициска станица или полицискиот службеник овластен од него, утврдува како ќе се врши контролата која може да се врши пешки, со велосипед, со службени возила, со мотоцикли или со хеликоптери.

 

Контрола на возила

Контрола на возила се врши заради утврдување дали возилото е регистрирано и дали ги исполнува потребните услови во поглед на опремата и товарот согласно прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата и прописите за возила.

Контрола на возила се врши визуелно или со користење на контролно-мерни инструменти.

При вршење на контролата, возачот е должен да му покаже на полицискиот службеник важечка сообраќајна дозвола, односно важечка потврда за пробно возење.

Исправите полицискиот службеник ги бара и кога е потребно да изврши увид врз бројот на шасијата на возилото.

При увидот, полицискиот службеник ги споредува податоците на возилото со соодветните податоци во сообраќајната дозвола, односно потврдата за пробно возење.

Полициските службеници вршат контролни прегледи на уредите и опремата на возилото, заради утврдување на нивната техничката исправност, согласно прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Заради утврдување дали товарот во возилото е правилно распореден и сместен, дали одговара на пропишаната носивост и димензии, како и дали ги загрозува или попречува другите учесници во сообраќајот, полициските службеници вршат контрола и преземаат потребни мерки за отстранување на утврдените неправилности.

При вршење на контрола на возило, истото го задржуваат кратко време и на барање од возачот му се издава потврда за времето за кое возилото било задржано, доколку задржувањето траело подолго од 15 минути.

 

Исклучување на возилото од сообраќајот

Ако при вршење на контрола на возилото, полицискиот службеник утврди дека се исполнети условите за исклучување на возилото од сообраќај, исклучувањето ќе го изврши на следните начини со:

– издавање наредба на возачот за прекинување на понатамошното движење со возилото или отстранување на возилото од патот додека постојат причини поради кои возилото е исклучено од сообраќај, односно до определеното време;

– издавање наредба на возачот да го одвезе возилото со потребни мерки на претпазливост, а по потреба под надзор на полицискиот службеник, до најблиското место каде што ќе може да се отстранат неправилностите на истото или на товарот;

– привремено одземање на сообраќајната дозвола и

– заклучување на возилото.

Ако возилото што е исклучено од сообраќај, остане на пат без потребен надзор, а постои опасност на возилото или на товарот да му биде причинета штета, полицискиот службеник превзема мерки за негово отстранување од патот, со цел да се однесе на сигурно место на трошок на сопственикот, односно на носителот на правото на користење на возилото.

 

Контрола на возачи и други учесници во сообраќајот

Контрола на возачи се врши заради утврдување дали тие поседуваат соодветни исправи и дали ги исполнуваат другите услови согласно прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата.

За вршење на контролата, полицискиот службеник може да побара од лицето кое го управува возилото, да ги
покаже потребните исправи за увид во истите.

Полицискиот службеник нема да му дозволи на возачот да управува со возилото ако утврди дека:

1. управува или се обидува да управува со возилото со алкохол во организмот или покажува знаци на алкохолна растроеност, односно дека се наоѓа под дејство на опојни дроги, психотропни супстанции или на други лекови на кои е означено дека не можат да се употребуваат пред и за време на возењето;

2. е заморен, болен или очигледно е во таква психофизичка состојба поради која е неспособен безбедно да управува со возилото;

3. управува со возилото, а не му е издадена возачка дозвола или истата е издадена за друга категорија возила;

4. управува со возилото, а не користи или ги нема при себе помагалата наведени во возачката дозвола и

5. кандидатот за возач не ги исполнува условите што се пропишани за кандидатот кој се оспособува за возач на возило на моторен погон.

Полицискиот службеник ќе му дозволи на возачот од точка 4 да управува со моторното возило ако на негово барање ги употреби помагалата што ги има при себе.

Овие правила се однесуваат и применуваат и на возач -инструктор кој оспособува кандидати за возачи.

Се смета дека управува, односно дека се обидува да управува со возило, со алкохол во организмот или со знаци на алкохолна растроеност, односно под дејство на опојни дроги, психотропни супстанции или на други лекови на кои е означено дека не можат да се употребуваат пред и за време на возењето, возач за кого:

1. полицискиот службеник според надворешните манифестации и однесувањето со сигурност може да заклучи дека лицето е во состојба на изразено пијанство и

2. со помош на соодветни средства или апарати (алкотест, алкоскоп и слично), извршен лекарски преглед, односно извршена анализа на крв или анализа на крв и урина е утврдено дека е под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции или лекови.

Ако утврдувањето на присуството на алкохол се врши на начинот точка 1 полицискиот службеник во својот извештај, кога е тоа можно, ќе ги наведе и сведоците кои можат да ги потврдат неговите забележувања или за тоа ќе обезбеди други докази.

Полицискиот службеник го утврдува присуството на алкохол на еден од начините наведени во точка 2 ако за тоа постојат можности, при што првенствено ги применува оние начини на утврдување кои се најповолни за возачот.

 

Исклучување од сообраќајот на возач

Исклучување од сообраќајот на возач во случаите погоре, се врши на еден од следните начини:

– возачот се исклучува од сообраќај, а возилото се задржува додека возачот не најде друго лице – возач кој ќе го одвезе возилото;

– ако возачот се спротивставува на полицискиот службеник, одбива да се подложи на испитување, не сака да го прекине управувањето со возилото, продолжува со вршење на прекршокот или одбива да ги предаде возачките исправи, се превземаат пропишани мерки заради утврдување на неговиот идентитет и се предава на здравствена установа заради утврдување на алкохол во организмот или дејство на дроги или други психотропни супстанции или лекови, а неговото однесување се документира во барањето за поведување на прекршочна постапка со посочување на сведоци и други доказни материјали;

– ако во возилото се наоѓаат малолетни лица, стари или болни лица и во други случаи кога ќе се оцени дека тоа е потребно, се преземаат мерки овие лица да се згрижат и

– доколку во возилото има и друго лице – возач кој не е под дејство на алкохол, може да му се дозволи да го одвезе возилото.

Исклученото возило , се остава на безбедно место каде што е извршена контролата, а клучевите му се даваат на возачот.

Меѓутоа, ако е очигледно дека возачот нема да ја почитува наредбата и повторно ќе управува со возилото, истото се сместува на безбедно место (во кругот на објектот на Полицијата, на паркинг или во кругот на друг соодветен објект или слично), клучевите се одземаат, а на возачот му се соопштува кога и каде да се јави за превземање на клучевите и возилото.

Возач кој управува со возило, а не му е издадена возачка дозвола или управува со возило од категоријата што не е означена во возачката дозвола, се исклучува од сообраќај, додека не се доведе друго лице – возач за да го преземе возилото.

Возач кој управува со возило и во моментот на контролата кај себе нема возачка дозвола, се исклучува од сообраќај се додека низ соодветна постапка не се утврди дека истата ја поседува.

 

ИЗВОР: http://www.pravdiko.mk/

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП