2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТри милиони евра од ЕБОР за развој на Витаминка

Три милиони евра од ЕБОР за развој на Витаминка

vitaminka222

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) помага во подобрување на конкурентноста на приватниот сектор на Западниот Балкан преку  поддршката на една од водечките македонски  фирми во прехранбената индустрија.

ЕБОР и одобри заем од три милиони евра на Витаминка, македонски производител на брендирана храна, специјализирана за кондиторски и снекс производи. Средствата од заемот ќе се користат за набавка на нова енергетски ефикасна опрема за производство и за модернизација на два производствени капацитети.

Заемот ќе ја зајакне конкурентноста на Витаминка на локалниот и на регионалните пазари, ќе ја зголеми ефикасноста во производството и значително ќе ги намали оперативните трошоци.

Финансирањето за овој проект е од Програмата за локални претпријатија (ЛЕФ) на ЕБОР. ЛЕФ е програма за финансиска и техничка помош, која се фокусира на јакнење на приватниот сектор преку долгорочно финансирање на мали и средни претпријатија (МСП) од Балканот, Турција и регионот на југо-источен Медитеран.

Витаминка е еден од најсилните и најпрепознатливи брендови на регионалниот пазар и зазема една од водечките пазарни позиции поради високиот квалитет на своите производи во однос на ценовната политика. Компанијата има значително инвестирано во модернизација на производствените капацитети и постојано го надградува своето портфолио на производи за да ги задоволни растечките барања на локалниот и регионалните пазари. Компанијата извезува над 45 одсто од своите производи, претежно во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Косово, Австралија, САД и други земји.

„Потпишувањето на новиот заем е материјализација на поддршката која ЕБОР ја дава на македонскиот реален сектор и покажува дека ние имаме доверба во компаниите од Македонија. Задоволство ни е што работиме со Витаминка и што промовираме одржливи деловни модели во земјата,” рече Холгер Муент, Директор за Западен Балкан, ЕБОР.

„Средствата ќе помогнат да се промовира прехранбениот потенцијал на Македонија преку зајакнувањето на регионалната конкурентност на добро позициониран играч во македонската прехранбена индустрија, Витаминка, чиј развој е со гордост поддржан од ЕБОР,” рече Миљан Здрале, Шеф на Одделот за Агробизнис за Централна и Југоисточна Европа во ЕБОР.

„Витаминка гледа на ЕБОР како на сигурен партнер и се гордее со долгогодишната соработка. Ние настојуваме да го прошириме нашето работење и да ја зајакнеме нашата позиција на регионалниот пазар”, рече Симон Наумоски, Претседателот на Бордот на Директори на Витаминка.

Ова е третата трансакција помеѓу ЕБОР и Витаминка. Во 2012 година ЕБОР обезбеди заем од 2,5 милиони евра на Витаминка, за да се финансира купувањето на опрема за ново производство и за пакување на истото. Во 2007 година ЕБОР обезбеди заем од 4 милиони евра на Витаминка, за да ја финансира инвестиционата програма која вклучуваше и набавка на нова линија за производство на меки бисквити и опрема за амбалажа.

ЕБОР започна да инвестира во македонската економијата во 1993 година. До денес има потпишано над 80 проекти во земјата со нето кумулативен износ од повеќе од 1.1 милијарда евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП