Нелојалната конкуренција кај леарниците во Мекедонија, нивните проблеми како и споделување на искуствата со регионалните капацитети, односно Бугарија и Словенија, денеска беа дебатирани на тркалезна маса на тема „Леарството во регионот на ЈИЕ-состојби и можности за развој“ во организација на Стопанската комора на Македонија и Сојузот на металурзите на Македонија.
За Митко Кочовски претседател на Здружението на металурзи при Стопанската комора на Македонија, Здружението во своето делување, гради оргинален пристап во пресрет на проблемите и работи на нивни решавање.
„Се трудиме колку што можеме да ги одбегнеме оние манифестациони облици на собирање и да работиме на суштинските проблеми што ги мачат субјектите во овие кризни времиња. Еден од таквите проблеми е токму односот кон леарниците, каде на денешната тркалезна маса се обидуваме на претставниците на нашите леарници да им ги приближиме искуствата од регионалните капацитети од Бугарија и Словенија. Ќе видиме како таму градат пристап кон иновативните решенија кои што во светот веќе постојат, каков однос имаат кон еколошките императиви кој што се поставуваат за да направиме една паралела со тоа што кај нас имаме и тие искуства да можеме да ги примениме“, истакна Кочовски.
Во однос на нелојалната конкуренција Кочовски рече дека проблемот доаѓа во немање системски решенија односно немање Законска регулатива која ќе ги заштити македонските леарници.
„Тоа што доаѓа како нелојална конкуренција, тоа што доаѓа како несоодветно сертифициран производ кој што го урива настапот на нашите претпријатија на пазарот мораме преку овие механизми на нашето делување да го спречиме и да го ограничиме колку што можеме“, појасни Кочовски за, како што кажа, суштинскиот проблем на леарниците.
Според Цанка Гикова секретар на Здружението на леарниците од Бугарија за да биде една држава силна треба да има добро развиено производство. Во секое добро развиено производство, рече таа, се наоѓа, металопреработувачкото производство и леарниците.
Порача дека во овие моменти на криза и нелојална конкуренција балканските држави мора да си помагаат помеѓу себе.
За нелојалната конкуренција во Словенија, Мартин Дебелак секретар на Здружението на леарници на Словенија посочи дека тој проблем тие го решиле со влегувањето во Европската Унија. Порача дека Македонија треба да се движи во насока на европските регулативи за да најде решение за проблемите во леарството.