Македонија потпиша договори за одбегнување двојно оданочување со Виетнам, за заштита од фискална евазија и за заемно поттикнување и заштита на инвестициите. Договорите ги потпишаа заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини и нерезидентниот амбасадор на Виетнам Ле Дук Лу.
Овие договори ќе овозможат послободен проток на луѓе, капитал и услуги во двете земји и ќе ги поттикнат меѓусебните инвестиции.
„Со потпишување на овие договори Македонија ја прошири мрежата на склучени билатерални договори за одбегнување на двојното оданочување, а со тоа ги унапредува економските односи и билатералната соработка со Виетнам“, соопшти Министерството за финансии.
Се очекува потпишувањето на договорите позитивно да влијае и на контото на трговската размена меѓу Македонија и Виетнам која не е доволно развиена и во 2013 година изнесувала 13,9 милиони евра. Македонија во Виетнам извезува главно тутун, а увезува телефони, кафе, обувки и синтетички влакна.