Германскиот производител на автомобили „Daimler“ објави дека неговата деловна единица „Mercedes-Benz Cars“ во изминатиот квартал остварила бруто добивка од 1.6 милијарди евра, 29 проценти повеќе од истиот прериод од минатата година.
„Mercedes“ во споменатите три месеци оствари рекордна квартална продажба, благодарејќи на претставувањето на нови модели и зголемената побарувачка во Кина, соопштија од „Daimler“, изненадувајќи ги инвеститорите кои беа загрижени поради слабеењето на глобалната економија.
Продажбата на „Mercedes“ порасна и на американскиот пазар, што е благодарејќи и на слабеењето на еврото кон доларот, поради што расте конкурентноста на европските производи во САД.
„Daimler“ соопшти дека ќе остане при постоечките проценки на финансиските резултати за 2014-та во неговите деловни единици. А тука покрај „Mercedes“, е и „Daimler Trucks“, кој во последниот квартал оствари раст на добивката за 17 отсто на годишно ниво или на 618 милиони евра.
По ова соопштение за остварените резултати кои во целост ќе бидат објавени на 23-ти октомври, цената на акциите на „Daimler“ забележаа раст на берзата во Франкфурт за повеќе од 3 проценти.