2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтаврески: Македонската економија најдобра во регионот и со највисок раст оваа и...

Ставрески: Македонската економија најдобра во регионот и со највисок раст оваа и следната година

stavrevski

И по оценките на ММФ и по оценките на Светска банка, македонската економија е оценета како најдобра во регионот со највисок раст и годинава и за следната година. И тоа охрабрува бидејќи покажува дека политиките се добро поставени, пред се тоа се однесува на политиката на привлекување странски инвестиции и користење на тие инвестиции за креирање нови работни места и за зголемување на извозот на стоки од Република Македонија кон Европа и кон светот.

Ова го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој учествува на редовните Годишни средби на ММФ и на СБ во Вашингтон, заедно со гувернерот на Народна банка на Македонија Димитар Богов.

Годишното заседание на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Светска банка (СБ), нагласи тој, е одлична можност да се сретнеме со раководството на овие две институции, со луѓето коишто ја гледаат состојбата со економијата во Македонија, да видиме како тие гледаат на нашата економија и да добиеме нивно видување за општите состојби во регионот, во Европа и во светот, што ќе ни биде корисно при правењето на идните проекции.

„И советот на овие институции кон сите земји е таму кадешто има простор, а Македонија е таква земја, со буџетот со буџетската политика да се поддржат капитални инвестиции што ќе креираат краток рок повисока економска активност, а на долг рок ќе овозможат да се зголеми конкурентноста на економијата преку изградбата на патиштата, како што ние го правиме во земјата, со изградбата на трите нови автопати, на пругата кон Бугарија, енергетски проекти, и комунални проекти и друга инфраструктура“, рече вицепремиерот Ставрески.

Тие политики што ги спроведуваме во Република Македонија, нагласи тој, општо им се советуваат на сите земји со цел да се оствари економски раст, бидејќи во Европа очигледно и според оценките што овде ги слушнавме состојбите не се најдобри и европската економија не е во најдобра кондиција.

Истовремено, информира Ставрески, средбите со Светска банка ги користиме за разговор за конкретни проекти.

„Со задоволство можам да констатирам дека Светска банка пред кратко време ни одобри кредит за финансирање на патишта во Република Македонија во износ од 52 милиони евра. Тука спаѓаат патиштата од Битола до Ресен, Дебар-Бошков мост и слично. Во следната фаза очекуваме со овие средства да се исфинансираат и други патишта како што е Кочани-Делчево, Делчево до Голак, но и понатаму договоривме нови 105 милиони евра за десетина други патни правци во Република Македонија, коишто ќе ги опфатат делот од Ранковце до Крива Паланка, и други што се значајни за подобрување на патната инфраструктура во Република Македонија“, изјави вицепремиерот и министер за финансии.

Со позитивни вести се враќаме од Вашингтон, истакна Ставрески, бидејќи она што можевме да го слушнеме е дека Република Македонија добро се справува со предизвиците на состојбите во Европа и оти со остварените стапки на раст можеме да бидеме задоволни дека одиме во добра насока.

Според гувернерот Богов, во Вашингтон заедно со Ставрески присуствуваат на исклучително квалитетни панел дискусии на коишто имаат прилика да ги видат ставовите на водечките креатори на економските политики во глобалните финансиски институции, но и водечките земји во светот.

Она што доминира, подвлече, е како да се креираат нови работни места и економски раст во целиот свет, меѓутоа особено во Европа. Се препорачува повеќе инвестиции во инфраструктура со што би се креирал потенцијал за повисок економски раст на подолг рок и истовремено би се креирала неопходната побарувачка во економиите коишто имаат простор за тоа, за да се помогне светската економија побрзо да закрепне, но и постигнува повисоки стапки на економски раст. Во рамки на тоа, појасни Богов, ги видовме и најновите проекции и на ММФ и на СБ што беа објавени деновиве, и навистина може да констатираме дека нивните видувања се многу слични на оние што и Народната банка на Република Македонија ги има.Нивните проекции, истакна, се блиску до нашите проекции, и навистина добро е да се види како како останатите гледаат со нивните очи, значи надворешен поглед на нашите економски политики.

„Пријатно беше да се слушне дека македонската економија има здрави фундаменти, дека треба да продолжиме во таа насока. Структурните реформи се нешто што постојано мора да се спроведува, секако да биде внимателен и да се води сметка за евентуално излегување на економијата од некаква нерамнотежа, да се реагира навреме и повторно економијата да се стабилизира на онаа патека на којашто одиме последниве години“, изјави гувернерот на Народната банка на Македонија Богов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП