Повеќето водечки светски економии продолжија да бележат стабилен раст, но во регионот на еврозоната Германија и Италија го губат интензитетот, соопшти Организацијата за економска соработка и развој.
Водечкиот економски индикатор за 33 членки на ОЕЦД во август беше на стабилно ниво од 100,4 поени, што е еднакво на нивото од јули и над долгорочниот просек од 100 поени кој сигнализира економски раст.
Овој индекс говори дека целиот регион на ОЕЦД, како и Канада и САД, поминува низ стабилен период со стабилен раст, пренесува агенцијата Ројтерс.
Сепак, во еврозоната индикаторите укажуваат на слабеење на растот, при што, индексот на ОЕЦД за Германија се намали на 99,7 од јулските 100,1 поени, се наведува во соопштението на ОЕЦД.