28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИлјада градежни работници ќе ги сертифицираат знаењата за енергетска ефикасност

Илјада градежни работници ќе ги сертифицираат знаењата за енергетска ефикасност

gradezni kompaniie

Околу илјада работници од градежниот сектор кои имаат познавања од енергетската ефикасност ќе ги сертифицираат своите знаења, а уште 200 лица ќе бидат обучени за тренери во рамки на проект кој се спроведува во координација со Стопанската комора на Македонија.

Проектот познат како „Обука на градежни работници за енергетска ефикасност“ се реализира во рамки на Build Up Skills иницијативата што беше воспоставена во Европа во јуни 2012 година.

Ќе се сертифицираат знаењата и вештините на пет занимања од градежниот сектор и тоа фасадери, столари, техничари за греење, ладење и климатизација, кровопокривачи и електричари. За нив огласот ќе биде објавен во мај следната година. Сертификатите што ќе ги добијат ќе бидат признани освен во Македонија, и во Хрватска и Словенија.

Она што е важно е дека со овој проект ќе се воведе систем на препознавање на претходното знаење и искуство, односно знаењето на илјада градежни работници ќе биде сертифицирано.

Од друга страна ќе имаме обучена работна сила која ќе гради енергетско ефикасни објекти и ќе ја подигнеме конкуретноста на градежниот сектор, истакна Јелисавета Георгиевска, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

Во петте дејности ќе се обучуваат и тренерите кои ќе треба да ги препознаат знаењата и вештините кај работниците. Нивните обуки се очекува да започнат во февруари следната година.

Процесот на сертифицирање и обучување ќе се спроведе под мониторинг на Центарот за образование на возрасни.

Улогата на Центарот ќе биде важна и по завршувањето на проектот затоа што не сакаме да останеме само на оваа група обучени работници. Заедно со Стопанската комора на Македонија ќе ја разгледаме можноста да обезбедиме одржливост на овие програми, подвлече директорката на Центарот за образование на возрасни, Линдита Ќазими.

Вкупниот буџет на проектот е 400 илјади евра, а ќе се спроведува во период од 20 месеци. Согласно Стратегијата на ЕУ, Македонија до 2020 година треба да обезбеди 36,13 проценти заштеда на енергија во градежниот сектор. За тоа, на државата ќе и бидат потребни најмалку 9.800 до 16 илјади квалификувани градежни работници за енергетска ефикасност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП