28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Маркарт“ го почнува процесот на вработување во фабриката во Караслари

„Маркарт“ го почнува процесот на вработување во фабриката во Караслари

markart

Германската групација „Маркарт“ денеска во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес организира Инфо-ден за вработување. Со тоа групацијата го почнува процесот на вработување во новата фабрика која се гради во индустриската зона „Караслари“ во близина на Велес, чие производство треба да стартува кон средината на следната година.

Фабриката во која ќе се произведуваат делови за автомобили ќе се простира на површина од 14 илјади метри квадратни. Првично ќе се отворат 100 работни места, а во следните пет години ќе се вработат 500 до 600 лица.

На Инфо-денот за вработување заинтересираните кандидати може да присуствуваат на различни сесии во училниците во училиштето од 10 до 16 часот, за да дознаат повеќе за

Маркарт како работодавач, како и за конкретни информации за работни места.

Четири различни оддели ќе бидат претставени во посебни училници и на секој час ќе се одржи кратка презентација на одделите за производство, логистика, квалитет, како и администрација.

Претставник на секој оддел ќе биде на располагање за размена на мислења и одговори на прашања.

Потенцијалните кандидати може да добијат информации и да ги предадат своите биографии на самото место доколку се заинтересирани. По Инфо-денот за вработување „Маркарт“ ќе ги прегледа и оцени биографиите и ќе воспостави контакт со кандидатите кои ги задоволуваат потребните критериуми за да ги покани на интервју.

Луѓе од цела Македонија ќе можат да се пријават за работа во фабриката во Велес бидејќи ќе имаат организиран превоз и менза. Се очекува, изградбата на фабриката да заврши кон крајот на март или почетокот на април, а производството да почне кон средината на идната година.

Во зоната „Караслари“ ќе се произведуваат електронски компоненти за светските автомобилски гиганти „Мерцедес“, „БМВ“, „Фолксваген“, „Ауди“. Инвестицијата во наредните пет до десет години ќе изнесува меѓу 35 и 50 милиони евра. Станува збор за прва поголема инвестиција во Велес по 24 години.

„Маркарт“ произведува автомобилски и делови за домашни електрични апарати како прекинувачи, сензори и контролни апарати. Групацијата е основана во 1925 година и има фабрики на 13 локации во 10 земји во светот со повеќе од 7.000 вработени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП