Новата генерација на моделот „Renault Espace“ вчера имаше светска премиера во Париз. Францускиот производител очекува дека новиот „Espace“ покрај сегментот на „мини-ван“ возила ќе атакува и на пазарот на кросовери.
Еден од „татковците“ на сегментот „MPV“ возила во Европа, „Renault Espace“, ја дочека и петтата генерација.
Покрај целосно новиот дизајн, заснован на концептот „Initiale Paris“ од 2013-та, кој го карактеризира нагласена маска на ладилникот и голем амблем на нејзината средина, „Espace“ за разлика од претходникот има значително помали странични стаклени површини, но и повисоко растојание од земја, со што влегува во областа на кросовери.
Иако има поголемо растојание од земја во однос на актуелната верзија, новиот „Espace“ е за 63 mm понизок од претхоникот. Должината е зголемена за 16 mm, a подобрена е и аеродинамиката – коефициентот на отпорот на воздухот изнесува 0,30.
„Renault Espace“ е поставен на новата „CMF1“ платформа, што допринесе масата на автомобилот да биде за 250 kg помала во однос на претходната генерација.
Во внатрешноста доминира централната конзола со голем екран на мултимедијалниот систем, на кој се пренасочени најголем број од командите.
На домашниот, францускиот пазар, на купувачите ќе им бидат понудени 4 нивоа на опрема – „Life“, „Zen“, „Intense“ и луксузната верзија со ознаката „Initiale Paris“.
Во почетокот, „Espace“ ќе се продава со три 1.6-литарски мотори со турбо-полење.
Новоразвиениот „dCi 160 EDC“ произведува 160 ks (118 kW) и 380 Nm, додека основната дизел верзија под хаубата ќе има „dCi 130“ со 130 ks (95 kW) и 320 Nm максимален вртежен момент.
Единствениот бензинец е „TCe 200 EDC“, кој развива 200 ks (147 kW) и 260 Nm.
Помоќните дизел и бензински мотори екслузивно се поврзани со седумбрзински „EDC“ менувач со двојно квачило, додека сите три агрегати се опремени со стоп/старт системот и системот за регенерација на кинетичката енергија.