Производствениот сектор во еврозоната во септември се соочи сo забавување на активностите поради падот на производството во клучната економија на еврозоната Германија.
Индексот за управување со набавката (ПМИ) за производствениот сектор во еврозоната, кој го пресметува лондонската компанија Маркит, во септември се намали на 50,3 поени, што е пониско во однос на августовските 50,7 поени, и најниското ниво за последните 14 месеци, пренесува агенцијата Франс прес.
Податоците над 50 поени укажуваат на зајакнување на секторските активности, а податоците под 50 поени на нивно забавување.
Најновите податоци за забавувањето на производствената активност, исто така, би можеле да извршат дополнителен притисок на Европската централна банка (ЕЦБ) да преземе нови акции за да биде избегната рецесијата.
ЕЦБ утре ќе одржи редовен состанок, од кој се очекуваат дополнителни детали во поглед на програмата за инјектирање на пари во економијата на еврозоната. Аналитичарите не очекуваат дека ЕЦБ ќе најави нови мерки, но внимателно ќе ја следат ситуација која може да донесе некои нови чекори.