28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо претфинансирање на земјоделците до поголемо повлекување средства од ИПАРД

Со претфинансирање на земјоделците до поголемо повлекување средства од ИПАРД

zemjodelstvo12

Македонија ќе ги искористи искуствата од спроведувањето на ИПАРД-1 Програмата за успешно реализирање на следната, ИПАРД-2. Со цел максимално повлекување европски пари во периодот 2014–2020 година, меѓу останатите мерки се предвидува и формирање фонд за претфинансирање кој би ги помогнал земјоделците.

Како што изјави ресорниот министер Михаил Цветков пред денешната седница на Агросоветот, главни причини за слабата искористеност на ЕУ-фондовите се уште се токму недоволната финансиска моќ на нашите производители и критериумите што ги поставува Европската комисија.

„Имајќи ги предвид искуствата од спроведувањето на ИПАРД-1 Програмата која досега е искористена само 11 отсто, работиме на мерки кои ќе помогнат ситуацијата значително да се подобри и Македонија да успее да извлече максимум средства кои се и тоа како добредојдени за агробизнисот и развојот на руралната економија, истакна Цветков.

ИПАРД-2 е проектирана на вкупно 106 милиони евра од кои 60 се наменети за кофинансирање инвестиции во земјоделството, прехранбената индустрија и руралната економија, а останатите 56 првенствено ќе се вложат во изградба на мали системи за наводнување, за изградба на пристапни патишта до обработливите површини и електрификација на полињата.

„Како член на Комитетот за следење на ИПАРД, до Директоратот на ЕУ доставивме прашање – зошто не се прифаќаат нашите предлози за овие пари побрзо да стигнат до земјоделците. Одговорот беше – тој што ги дава парите, ги диктира и условите како ќе се вложат тие средства и за кои намени, нагласи Вељо Тантаров, член на Агросоветот.

Во последните шест месеци Министерството за земјоделство со земјоделските здруженија, стопанските комори и приватниот сектор изработи нацрт-документ за новата ИПАРД-2 Програма. Документот е основа за користење на ЕУ-средствата.

За разлика од ИПАРД-1 каде соодносот на финансирање беше 50:50, во ИПАРД-2 стапката на кофинансирање инвестиции на земјоделски стопанства е зголемена и изнесува 65 отсто за млади земјоделци и 70 проценти за земјоделски стопанства на над 700 метри надморска висина. Стапката на кофинансирање е зголемена на 65 отсто и за инвестиции за основање и модернизација на мали претпријатија и занаетчиски дејности во руралните средини, како и за инвестирање во капацитети за рурален туризам.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП