На некои од најголемите светски банки им се закануваат големи казни од регулаторните власти поради манипулација со курсот на валутните пазари, а се проценува дека тоа би можело да ги чини и 35 милијарди долари, многу пати повеќе отколку што претходно беа казнети за манипулацијата на „Libor“ каматната стапка.
Најголемата швајцарска банка „UBS“ соопшти во понеделникот дека започнала преговори во врска со обвинението дека е вклучена во манипулацијата во трговијата со валути, предупредувајќи дека би можела да биде финансиски казнета.
Од „UBS“ не објавија со кои точно регулаторни власти преговара – американските, британските или некои други, но изворите на „Reuters“ кои се запознати со ситуацијата потврдија дека британските регулаторни власти (FCA) разговараат со „UBS“ и пет други банки – „Barclays“, „HSBC“, „Royal Bank of Scotland“, „JP Morgan“ и „Citi“ за договор, кој секоја од банките би можела да ја чини неколку стотини милиони фунти.
Покрај „FCA“, регулаторните власти во САД, Швајцарија и Хонг Конг, исто така истражуваат дали банкарските трговци манипулирале со курсот на девизиниот пазар, кој вреди 5.300 милијарди долари дневно, најголем во светот, но најмалку регулиран.