Растот на германската економија би можел да биде помал од 1,8 проценти од БДП, изјави германскиот министер за економија Сигмар Габриел.
Габриел додека дека економијата на неговата земја сепак останува стабилна во однос на останатите економии во еврозоната.
Како што пренесуваат германските медиуми, министерот нагласи дека политичката криза околу Украина директно влијаела на деловната клима во Германија, погодувајќи ги не само компаниите кои се директно поврзани со рускиот пазар, туку и општата деловна доверба.
Германската економија на почетокот на годината забележа раст благодарение на невообичаено топлата зима, која позитивно влијаеше на градежниот сектор, но во вториот квартал дојде до пад на БДП од 0,2 проценти, што кај некои аналитичари предизвика стравување од рецесија.
Украинската криза и бавното обновување на економиите од еврозоната се сметаат за главни виновници за слабиот раст на германската економија.