29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжува комисиската расправа за Буџетот за 2015 година

Продолжува комисиската расправа за Буџетот за 2015 година

komisii sobranie

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2015 година.

Предложениот буџет, за кој расправата почна вчера, е проектиран на раст од 4 отсто на БДП, инфлација од 2 отсто и буџетски дефицит од 3,5 отсто. Вкупните приходи за следната година се проектирани на 163 милијарди и 280 милиони денари, а расходите на 181 милијарда 777 милиони денари.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека буџетот е реален и развоен, со капитална и социјална компонента, и ќе овозможи економски развој и отворање нови работни места.

Резултатите од досегашните владини економски политики, според пратеникот Драган Цуклев, се показател оти со буџетот за следната година ќе бидат остварени зацртаните цели за поддршка на реалниот сектор и подобрување на стандардот на граѓаните.

Буџетот, наведе Цуклев, ќе го продолжи инвестицискиот циклус во изградбата на патната и железничката инфраструктура, но оти нема да изостанат ниту капиталните инвестиции во останатите области. „Во наредните 4 години Владата планира инвестиции во автопатски делници, експересни, регионални и локални патишта, во вредност од милијарда евра. Само автопатиштата што се градат сега, Демир Капија-Смоквица и делниците од кинескиот кредит, се 60 проценти од вкупните автопатишта изградени години наназад, рече Цуклев.

Неговата колешка Светлана Карапетова оцени дека се реални проекциите за раст на градежништвото од 5,5 проценти поради почнатите крупни инфраструктурни проекти и најавените инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и индустриските зони.

„Покрај градежништвото уште една многу важна гранка е и земјоделството за каде се предвидува раст од 2,5 проценти, а во услужниот раст од 3,3 проценти. Во нареднта година се очекува раст од 2,7 проценти за нови вработени лица, што пак придонесува за континуирано намалување на стапката на невработеност која сега изнесува 28 проценти“, наведе Карапетова.

Со исправните политики посветени економскиот развој, посочи, оваа стапка е намалена за цели 10 проценти, а ќе продолжи да се намалува и наредната година бидејќи имаме најава за отворање многу нови работни места во реалниот сектор.

Пратеникот Момчило Аврамовски смета дека предвидените 1.488 милиони денари со буџетот за здравствениот сектор ќе овозможат продолжување на активнивностите на Министерството за здравство за реализација на крупни проекти, изградба на нови болници и реконструкција на многу јавни здравствени установи, нивно доопремувањето и завршување на реформите.

„Буџетот исто така има цел да овозможи подобра достапност на здравствените услуги за населението што е една важна карактеристика и исто така целосно здравствено осигурување. Министерството за здравство има цел во 2015 година да го покрие целото население во државата со здравствено осигурување без разлика на која структура на осигурување припаѓаат и дали се или не осигурани“, рече Аврамовски.

Пратеничката Магдалена Манаскова ги истакна капиталните проекти од културата, за која област од буџетот за следната година се предвидени 3.626 милиони денари. Зголемувањето на буџетот на Министерството за културата, појасни, се однесува пред се за буџетот на Управата за заштита на културно наследство, со кој преку посебна програма се предвидени средства за археолошки истражувања и заштита на археолошки локалитети.

„Министерството за култура и во 2015 година ќе продолжи да ги финансира проектите од национален интерес во културата што ги распоредува согласно Законот за култура со објавување конкурс. Ќе се воспостават и културно информативни зони, со кои преку информатичко комуникациските технологии ќе се презентира и промовира богатото културно наследство на Македонија“, рече Манаскова.

Информативни табли, додаде, ќе бидат поставени пред најмалку 100 знаменитости, споменици, црвки, археолошки локалитети. Со следење на упатствата на таблите преку интернет домашните и странските туристи ќе може да добијат повеќе информации за локалитетите. Расправата ќе продолжи во 15 часот по редовната пауза на пратениците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП