3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Василево прв земјоделски саем на отворено во Македонија

Во Василево прв земјоделски саем на отворено во Македонија

zemjodelciikcoieofmakedonijasubvencii

Претставниците на Федерацијата на фармери на Македонија, турската асоцијација Фуарџилик и Општина Василево денеска потпишаа Меморандум за соработка, организација и одржување на првиот Земјоделски саем на Балканот, во средината на 2016 година.

Како што изјави претседателот на ФФМ Никола Стаменов првата идеја за организирање на ваков саем на отворено се роди при посетата на саемот во Текирдаш, Република Турција.

„Оваа идеја е подржана од Министерството за земјоделство, а општина Василево изнајде површини и ќе биде наш главен партнер во реализацијата на овој проект. Нашата Влада ни отстапи земјоделско земјиште со површина од 20 хектари, каде во наредните 2015 и 2016 година ќе биде првиот земјоделски саем на отворено во државата и на Балканот“, рече Стаменов.

Градоначалникот на Василево Ване Стојанов изрази задоволство што заедно со ФФМ и турската асоцијација Фуарџилик ќе ја организираат оваа саемска манифестација.

„Нашата општина е пред се аграрна и земјоделието ни е во прв план. Во изминатиот период заедно со Министерството за земјоделство, презедовме низа мерки за поодобрувањето на состојбите во земјоделството. Убеден сум дека денешното потпишување на Меморандумот за соработка е првиот чекор кон реализацијата на првиот земјоделски саем на отворено, кој треба да се случи кон средината на 2016 година“, изјави Стојанов.

Директорот на турски Фуарџилик Незих Сурајан изрази благодарност за укажаната подршка од Министерството за земјоделство и Општина Василево за реализација на овој проект.

„Првиот чекор што ќе го преземеме во наредниот период е едукација на ваши агрономи во нашите центри во Турција. Отворениот саем ќе биде можност да се проследи целиот процес на производство, почнувајќи од садењето на семката па се до бербата на плодовите. Значи тука ќе бидат застапени семенарството, агрозаштитата, како и тракторите и приклучната механизација за земјоделството“, рече Сурајан.

Тој е уверен дека саемот ќе биде убаво место за размена на знаења, искуства и продлабочување на соработката меѓу двата пријателски народи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП