петок, 7 октомври 2022
ПочетнаЕКОНОМИЈАФФРМ со нов проект за зајакнување на македонското земјоделство

ФФРМ со нов проект за зајакнување на македонското земјоделство

federacija farmeri2 22

Федерацијата на фармери на Македонија почнува нов проект со Шведскиот центар за соработка „We Effect“ за подобрување на земјоделството и агробизнисот во државата.

За реализација на проектот ќе бидат потрошени околу 230 илјади евра што ќе се користат за студиски посети, присуство на саемски манифестации и едукација на македонските земјоделци.

„Финансиските средства од проектот ќе бидат искористени за студиски посети, саемски манифестации и едукација на земјоделците со цел да создадеме европско земјоделство, а македонскиот земјоделец да стане конкурентен како на домашниот, така и на пазарите надвор од Македонија“, изјави денеска претседателот на ФФРМ, Никола Стаменов.

Според него, само со земјоделското здружување може Македонија да има и квалитет и квантитет на земјоделските производи.

Регионалниот директор на „We Effect“ Марчело Дугнак истакна дека целта е да се зајакне и развие фармерското движење во Македонија.

„Многупати луѓето веруваат дека нивните проблеми се единствени само во нивните држави, но ние веруваме дека проблемите се исти во регионот и насекаде во светот. Тука сме да ги подготвиме Македонија, Бугарија, Албанија и останатите држави во регионот за моментот кога ќе станат членки на ЕУ. Доколку не се подготвуваат навреме, тогаш кога ќе станат членки на ЕУ ќе бидат потиснати од постојните членки на ЕУ“, изјави Дугнак.

Во однос на климатските промени кои претставуваат сериозна закана за земјоделството, Дугнак смета дека е потребна посеопфатна соработка меѓу државите, меѓународните организации и ФАО за да им се помогне на земјоделците во борбата против овие промени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП