19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоддршка за измените на Законот за градење од матичната собраниска Комисија

Поддршка за измените на Законот за градење од матичната собраниска Комисија

komisijagradenje565464

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за градење, во прво читање, денеска доби поддршка од матичната собраниска Комисија за транспорт, врски и екологија.

Целта на измените и дополнувањата на Законот е забрзување и поедноставување на постапката за добивање одобрение за градење за инфраструктурните објекти и поефикасна примена, рече во образложението заменик-министерот за транспорт и врски Ниметула Хаљими.

Се предлага без решени имотно правни односи да може да се издава одобрение за градење за продуктоводи, топловоди, нафтоводи, градби за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, системи за надводнување, базени на ниво на терен за јавна употреба, како и објекти за потребите на државните органи, агенции или фондови основани од Владата на РМ. Одобрението, според предлогот, ќе се добие со давање изјава дека имотно – правните односи на земјиштето ќе се решат најдоцна до поднесување барање за одобрение за употреба или извештај од извршен технички преглад.

Новина со законот е и тоа што Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони ќе може да издава одобренија за градење за градбите во технолошките индустриски развојни зони, во индустриските и во зелените зони основани од Владата. Под урбана опрема, пак, се предлага да се смета и опремата за продажба на храна и пливачки објекти, а се дефинираат и мостовите како линиски инфраструктурни градби. Мислење за проектиран степен на механичкaта отпорност, стабилност и сеизмичка заштита се предлага да се обезбедува само за градбите за кои согласно прописите за проектирање, основниот проект треба да содржи градежно конструктивен проект. Како градби од прва односно втора категорија се дефинираат и индустриските и зелени зони, а системите за наводнување и одводнување се дефинираат како градби од втора категорија.

Со Предлог законот се прецизира и прашањето за регулирање на изгледот на фасадите односно советите на општините и на Градот Скопје да може да го утврдат изгледот на фасадите на нивното подрачје, а не само во централното градско подрачје.

Според членовите на Комисијата од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, измените ќе овозможат подобра примена на законот, а меѓу останатото надминување на ситуациите на терен кога едно лице блокира реализација на одредени инвестиции во групни инфраструктурни објекти.

Оценката на опозицијата, пак, е дека со законсккиите измени се посега по правото на сопственост, но и дека дел од постапките повторно се централизираат.

Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ смета дека измените на законот се реални, произлегуваат од терен и ќе ја олеснат неговата примена.

Главна измена што треба да се пофали од Законот за градење е што се воведува механизам со кој ќе се откочат сите досега закочени работи во локалната самоуправа од практични причини. Се растоваруваат локалните самоуправи во делот за градби кои се од општествен интерес. Во делот на законот се прецизираат градби за кои не е потребно одобрение за градење, туку за нив се доставува барање за изведување на градбата до надлежниот орган на државна управа и потоа се добива согласно решение за изградба од страна на министерот, рече Затуровска.

Според независната пратеничка Солза Грчева, со законските измени државата посега по правото на сопственост. – Во објекти за потребите на државни органи може да биде буквално секој објект и да се гради без решавање на имотно правните односи се до технички преглед.

До технички преглед може да поминат и пет години додека човекот трча по инвеститорот некако да му се надомести, рече Грчева, истакнувајќи дека Уставот ја гарантира сопственоста и не смее без решени имотно-правни односи да се посега по имотите на луѓето.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотовски укажа дека законските измени ќеовозможат да се реализираат инвестиции што ги кочи по едно лица. – Кога се градат поголеми објекти, хидроцентрала, може некој само заради лични причини да спречи и цел регион да нема струја. Се работи за решавање такви случаи, а не тоа што го кажувате вие, рече Деспотовски.

Тој додаде дека обештетувањето на граѓаните мора да биде по пазарна цена и оти никој не смее и нема да им го одземе имотот.

Случаите за кои говореше Деспотовски, според пратеничката Роза Топузовска Каревска, треба да бидат прецизно дефинирани во законот.

Вака работите се воопштуваат. Никаде не стои дека е само за еден поединец. Се согласувам дека има такви поединци кои сметаат дека нивниот имот вреди многу повеќе и ја кочи изградбата. Такви примери имало и во минатото. Се согласувам дека тоа треба да се реши но со строго дефинирани работи кои нема да остават простор за злоупотреба, рече Топузовска Каревска.

Според неа, со дел од законските измени се добива впечаток дека повторно со одредени работи се прави централизација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП