Германскиот концерн „Siemens“ ќе ја купи американската компанија за производство на опрема за нафтената индустрија „Dresser-Rand“ за 7,6 милијарди долари.
Како што соопштија од „Siemens“, надзорниот одбор ја одобрил одлуката за купување на сите емитувани акции на „Dresser-Rand“ кои се наоѓаат во промет. Одборот на директори на американската компанија едногласно ја одобрил трансакцијата.
Германскиот концерн планира да го заврши купувањето до крајот на 2015 година, пренесува агенцијта Интерфакс.
Цената на понудата изнесува 83 долари по акција. Според податоците за тргување во петок, котацијата на американската компанија на њуоршката берза порасна за 9,4 проценти, на 79,91 долари.
Купувањето на американската компанија ќе му овозможи на „Siemens“ да ја зајакне позицијата во областа на опремата за производство на нафта и гас од шкрилци, гранка која во моментов динамично се развива во САД, укажуваат експертите.
Приходите на „Dresser-Rand“, кој произведува турбини и компресори, минатата година изнесувале три милијарди долари, додека истиот показател на „Siemens“ достигна 97 милијарди долари.