19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Македонија е добра дестинација за турските инвеститори

Груевски: Македонија е добра дестинација за турските инвеститори

gruevskiturcija56v6rfg

Нова турска инвестиција од областа на туризмот денеска беше најавена на Бизнис форумот во Мерсин на која поволностите за инвестирање во Македонија ги презентира владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски.

Станува збор за компанијата Девели Груп, која има повеќе бизниси во сферата на туризмот, градежништвото и земјоделството, а ја разгледува можноста за инвестирање во Македонија.

Според директорот на групацијата, Деха Девели, инвестирањето во Македонија е исплатливо.

„Многу лесно се стигнува до властите и можете да ги контактирате и да комуницирате со нив и може да ви помогнат. Планираме да инвестираме во туризмот, можеме да изградиме неколку хотели, можеме да носиме туристи од тука во Македонија и обратно“, рече Деха Девели.

На бизнис форумот во Мерсин премиерот Груевски им порача на турските бизнисмени кои размислуваат за проширување и инвестиции надвор од Турција, а бараат пазари кои нудат ниски трошоци за правење бизнис и добро образована работна сила, кои што се поблиски до Европа и имаат одлична бизнис клима, дека во Македонија ќе го најдат тоа и ќе најдат влада која е пријателски расположена кон бизнисот.

Премиерот Груевски истакна дека Македонија инвестира во изградба на технолошки индустриски развојни зони, во кои инвеститорите во првите 10 години немаат обврска за плаќање персонален данок на доход и данок на добивка.

„Досега се изградени четири технолошко – индустриски развојни зони, во тек на градба се уште седум, а ќе започнат да се градат уште три, што значи дека до крајот на наредната година очекуваме да имаме четиринаесет слободни економски зони“, рече премиерот Груевски.

Македонскиот премиер посочи дека во Република Македонија веќе функционираат повеќе странски инвеститори и тие се задоволни од условите за работа и инвестициската клима, меѓу кои се присутни и функционираат и турски компании.

„ТАВ имаат концесија на македонските аеродроми, и вложија над 100 милиони евра на скопскиот и охридскиот аеродром. Банката Халк е една од најдинамичните банки во Македонија и го поддржува бизнисот. Во делот на здравствениот сектор присутна е Аџибадем, компанијата Суташ купи млекара и постојано се развива. Коч изгради ланец на трговски центри, Џеваир Холдинг гради четири огромни висококатници во Скопје, а компанијата Лимак најавува изградба на станбен и бизнис комплекс“, изјави Груевски.

Тој посочи дека освен турските огромен број на големи компании од светот ја одбраа Македонија за своја бизнис дестинација и дека некои од нив не само што ја одбраа за својата прва, туку отпочнаа со својата втора инвестиција во државата, а размислуваат и за трета.

„Џонсон Контролс од САД изградија една фабрика за автоделови, а потоа уште една. Џонсон Мети изгради една, а веднаш потоа уште една фабрика во Македонија. Текнохозе од Италија фабрика за машински делови и хидраулика изгради една, а сега гради уште една фабрика четири пати поголема од првата фабрика.  Ванхул од Белгија изгради огромна фабрика за производство на автобуси кои ги извезува во Америка и помал дел во Европа. Кемет електроникс од Америка изгради фабрика за чипови од автомобилската индустрија. Протек груп најголемата компанија од фармацевтската индустрија од Русија изгради фабрика во Македонија, а најавуваат градба и на втора. Дрекселмаер од Германија изгради фабрика“, изјави премиерот Груевски, кој додаде дека освен овие инвеститори кои веќе работат во Македонија, постојат  и повеќе други компании од различни држави кои во последниот период објавија дека ќе инвестираат во земјата.

Како резултат на презентацијата на можностите за инвестирање пред турски бизнисмени во пет турски центри, од вчера претставници на 20-тина компании од комората од Ескишехир се во Македонија и се запознаваат детално со инвестициската клима и условите за инвестирање во нивната сфера, информира заменик-директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски.

Според министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Фуркан Чако, Мерсин е најголемиот трговски центар во Турција во источно медитеранскиот регион и остварувањето на бизнис соработка со Македонија би било од интерес за двете страни.

„Овде има големи мултинационални компании чиј капитал и искуства сакаме ние како Влада да ги пренесеме во Македонија“, изјави министерот Чако.

Претседателот на индустриската трговска комора на Мерсин, Шерафетин Ашут во своето обраќање изјави дека му е исклучително задоволство што се домаќини на форум на кој се преставуваат инвестициските можности на Република Македонија што е важен настан за економијата и за зајакнување на економските врски меѓу компаниите на Мерсин и македонскиот пазар.

Тој истакна дека Мерсин поседува брзо растечка економија, со повеќе развојни сектори како што е туризмот, земјоделската и прехранбената индустрија, и спаѓа во првите десет региони во Турција по обемот на извозот. Ашут посочи дека Македонија е пријател на Турција, и таа треба да биде првата дестинација доколку инвеститорите од Мерсин планираат да инвестираат на странските пазари.

Владината делегација во рамки на посетата инвестициските можности ги претстави на бизнис форуми организирани во Измит, Ескишехир, Анкара и Адана.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП