26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурски бизнисмени од Адана се запознаа со поволностите за инвестирање во Македонија

Турски бизнисмени од Адана се запознаа со поволностите за инвестирање во Македонија

adana 111

Поволните услови за водење бизнис и можностите за инвестирање што им се нудат на странските инвеститори во Македонија денеска беа презентирани пред турски компании од прехранбената индустрија, земјоделството и градежништвото.

На бизнис форумот што се организираше во соработка со турската Унија на комори и стокови берзи (ТАББ) и Индустриската комора на Адана се обрати премиерот Никола Груевски, кој се осврна на поволностите за инвестиции кои им стојат на располагање на турските компании.

Груевски посочи дека државата располага со повеќе технолошко – индустриски развојни зони кои на странските инвеститори им нудат низа поволности како што се можноста во првите 10 години да не плаќаат данок на добивка и персонален данок.

„Секоја компанија во зоните е ослободена и од плаќање на царина и данок на додадена вредност за суровините и репроматеријалите кои ги увезуваат со цел да произведат стоки кои ќе ги извезуваат. Зоните имаат и изградена инфраструктура“, нагласи Груевски.

Македонскиот премиер се осврна и на надминувањето на хендикепот мал пазар, преку потпишување на договорите за слободна трговија со сите земји од континентот Европа.

„Македонија има договор за слободна трговија со цела Европа, се разбира со државите од Европската унија, со членките на ЕФТА, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, со балканските држави, но и со Турција. На овој начин успеавме да го надминеме хендикепот на мал пазар. Ако претходно бевме мал пазар со два милиона потрошувачи со сите договори за слободна трговија што ги имаме секој еден кој сака да произведува во Македонија може да извезе на пазар од 660 милиони потрошувачи без плаќање на царина“, истакна Груевски.

Осврнувајќи се на инфраструктурата, Груевски нагласи дека покрај во постоечката, се инвестира дополнително и во патната и железничка инфраструктура.

„Во моментот градиме три нови автопатишта и железничка пруга кон Бугарија, која претходно ја немавме. Работиме и на отпочнување на градење гасоводна мрежа која треба да започне од идната година“, подвлече Груевски.

Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески пред турските бизнисмени ги образложи спецификите на македонската економија и поволностите што ги нуди македонскиот пазар.

„Кога ќе дојдете како инвеститори во Македонија, ви посветуваме детално внимание и ви овозможуваме да влезете во самиот систем без никакви проблеми, а бирократските препреки што може да ги имате во други држави, значително се намалени во Македонија“, посочи Павлески.

Министерот за привлекување странски инвестиции Фуркан Чако се осврна на позитивното искуство кое го имаат повеќе странски компании од инвестирањето и работењето во Македонија.

„Турските компании „ТАВ“, „Халк Банк“, „Џеваир Холдинг“, „Суташ“, „Дунуа гоз хастанеси“, Балкан универзитетот се дел од турските инвестиции во Република Македонија и тие се добар пример за инвестициската клима. Затоа ги повикувам сите други заинтересирани турски инвеститори да ја посетат Македонија и да се уверат во она што се нуди“, истакна Чако.

Според Алтан Чургелиќ, член на Бордот на директори на „Пролајт“, Македонија е држава со низа поволности за инвеститорите.

„Истраживме многу балкански земји. Контактирав со многу влади во врска со инвестирањето, бидејќи Македонија и Балканот се многу блиску до европските пазари. Сепак, Македонија и нејзината Влада нудат поголема предност од другите држави, бидејќи земјата е како раскрсница. Имаме дистрибутери и клиенти во Грција, Бугарија, Србија, Хрватска и Европа. Поради ова се одлучивме за Македонија. Бирократијата во оваа земја е многу ефикасна. Тие размислуваат како бизнисмените, ги знаат нашите проблеми и сакаат да ги решиме заедно“, изјави Чургелиќ.

Претседателот на индустриската комора на Адана, Зеки Киванч посочи дека Република Македонија е многу интересна за турските компании пред се поради близината со европскиот пазар, условите за инвестирање и добрата клима која овозможува добра економска соработка. Според него, бизнис форумот во Адана е важен поради можноста за јакнење на економските врски.

„Можните инвестиции што ќе се реализираат се добар импакт и за Турција. На тој начин глобалните компании ќе имаат сигурни бизниси и силни врски со Република Македонија. Како Адана, и особено како индустриска комора на Адана даваме секаков вид поддршка за унапредување на таа соработка“, изјави Киванч.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП