Во Прилеп во неколкучасовна посета денеска е 27 члена стопанска делегација од областа Измир од Турција. Според надлежните од локалната самоуправа кои заедно со Регионалната стопанска комора од Прилеп и прилепските стопанственици беа домаќини на делегацијата, турските бизнисмени се заинтересирани за повеќе стопански дејности.
„Ние и прилепските стопанственици веќе имаме соработка со областа Измир од Турција и сега на најдобар можен начин на гостите ќе им ја претставиме општината со сите културни и стопански потенцијали. Има можности за соработка и вложувања во текстилната, прехранбената индустрија и градежмништвото“, нагласи градоначалникот Марјан Ристески.
Хакан Казанчоглу, кој ја предводи турската делегација посочи дека стопанствениците од Измир се во посета на Прилеп со цел што повеќе да се зголеми соработката меѓу Македонија и Турција.
„Нашите стопанственици се заинтересирани за отворање работни места во Прилеп. Дел од нашите дедовци потекнуваат од овие простори. Уште од 2006 година со стопанската комора од Прилеп имаме договор за соработка меѓу двете стопански комори. Турските стопанственици се заинтересирани за повеќе области: за градежништво, прехранбената и текстилната индустрија, за медицинска опрема, за магацински простор“, рече Казанчоглу.
Според Симон Наумоски, претседател на прилепската регионална стопанска комора, стопанствениците од Прилеп ги продолжуваат контактите и разговорите со турските колеги.
„Можна е соработка на стопански план, соработка во правец на зголемување на обемот на размена од Република Турција во Македонија и обратно, од Македонија во Турција. Зголемувањето на соработката, далеку повеќе ќе ги зацврсти односите меѓу двете земји. Од аспект на работата на „Витаминка“, имаме доста соработка со турски компании не само од областа Измир, многу повеќе на планот на увоз на суровини во споредба со испораката на производи од „Витаминка“ на турскиот пазар. Можностите за размена на производи во двата правци се далеку поголеми од досегашните. Ние како стопанственици треба да работите да ги зголемиме соработките во извозот и увозот“, вели Наумоски.
Прилепската текстилна македонско-британска компанија „Конфи ангел“ е пред потпишување договор со турска фирма.
„Досега увозот на суровини од Турција ни е значително зголемен. Но, речиси сме пред потпишување договор за извоз на полнети производи во компанијата „Зорлотекс тач“ во Турција. Се радуваме на започнувањето на оваа соработка со турската компанија. Договорот е повеќемилионски“, информира Ирена Јакимоска, косопственик на „Комфи ангел“.