19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Македонија привлече многу компании со поволната бизнис клима

Груевски: Македонија привлече многу компании со поволната бизнис клима

gruevski ankara

Реформите и мерките кои помогнаа во градењето поволна бизнис клима во Македонија денеска беа претставени на бизнис форум во Анкара, организиран во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција (ТАББ).

Меѓу учесниците на форумот се турски компании од производствените сектори со кои македонската Влада е во подлабока фаза на преговори за инвестиции во Македонија.

Премиерот Никола Груевски, кој во Анкара ја предводи владината делегација, ги истакна поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции. Нагласи дека Македонија привлече инвестиции од многу компании, како резултат на повеќе спроведени реформи за подобрување на бизнис климата, меѓу кои проектот „регулаторна гилотина“ и ниските трошоци за водење бизнис.

„Република Македонија привлече многу компании, а една од тие работи зошто ги привлече е што земјата спроведе проект наречен регулаторна гилотина, кој значеше кратење на илјадници бирократски процедури, или нивно целосно бришење, или поевтинување, или комбинација од овие работи. Проектот го работевме со стопанските комори и со околу 300 компании од различни сектори и со различна големина. Како резултат на тоа бирократските процедури кои постоеја во минатото во огромна мера исчезнаа и компаниите се многу покомотни во нивното работење“, изјави Груевски.

Македонија, нагласи, за време на светската и европската должничка криза не ги зголеми даноците.

„Делувавме спротивно од останатите држави кои ги зголемуваа даноците, ние ги намалувавме. Тоа се исплатеше. Една од најзначајните работи за Македонија е што сме држава со ниски трошоци за правење бизнис. Воведовме рамни и ниски даноци. Персоналниот данок на доход во Македонија е 10 проценти, данокот на добивка е исто 10 проценти. Данокот на додадена вредност е 18 проценти, а за некои дејности 5 проценти. Царините и останатите трошоци се намалија“, рече премиерот Груевски.

Според министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески денешниот бизнис форум во Анкара е уште едно успешно претставување на Македонија.

„Доста сме задоволни од присуството на многу турски компании не само од овој град, туку и од локалните региони кои присуствуваат на овој бизнис форум. Со некои од овие компании сме во подлабоки фази на разговори со кои преговараме нивните инвестиции да завршат во Македонија, тука се и компаниите од производствените сектори кои разгледуваат локации за да влезат поблиску на европскиот пазар“, потенцираше Павлески.

Членот на извршниот одбор на Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција (ТАББ) Џенгис Ѓунај изрази задоволство од почестите посети на високо ниво од Македонија, кои придонесуваат несомнено за продлабочување на меѓусебните односи на планот на економијата.

„Потпишувањето на договорот за слободна трговија меѓу Турција и Македонија создава одлични економски потенцијали и можности за трговија со помали трошоци. Турската економија е во развој и многу турски компании инвестираат на Балканот“, изјави Ѓунај.

Според него, Македонија направи многу во привлекувањето инвестиции.

„Турција го развива банкарскиот сектор, металската, прехранбената и текстилната индустрија. Македонија веќе профитираше од овие инвестиции иако постојат и повеќе други потенцијали кои може да се искористат“, изјави Ѓунај.

Македонската владина делегација, во чиј состав се и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Фуркан Чако и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски, ќе учествува и на бизнис форуми и во Адана и Мерсин. Претходно се одржа економска презентација и во градот Ескишехир, индустриската област Коџаели и Измит.

Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на Македонија. Во 2013 година се најде на 9. место, а странските директни инвестиции во последните две години изнесуваат 44 милиони евра. Турција спаѓа во групата брзо растечки економии во Европа, со пораст на бруто општествениот производ од четири проценти и е една од 20-те најголеми економии во светот.

Водечката улога што ја има оваа земја во областа на изработката на елементи од автомобилската индустрија, електронските уреди, текстилот и градежните материјали ја прават атрактивна дестинација од која може да се преземат искуства, но и во која има потенцијални бизнис партнери кои размислуваат да го прошират својот бизнис надвор од границите на Турција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП