Турската земјоделско-прехранбена компанија „Мач груп“ ќе инвестира три милиони евра во изградба на фабрика во Општина Илинден. Земјиштето за изградба на фабриката е веќе купено, а во иднина планираат инвестиции и во откупен центар и во земјоделството.
Одлуката за инвестицијата во Македонија ја објави денеска директорот на „Мач Груп“ Атај Мач во тек на бизис форумот во Анкара на кој македонска делегација предводена од премиерот Никола Груевски кој ги презентира поволностите за инвестирање во Македонија.
Турскиот инвеститор изјави дека ги истражувале условите за инвестирање две години и оти донеле заклучок дека Македонија е најдоброто место за инвестирање во регионот.
„Имаме фабрики и капацитети во Турција и размислуваме за проширување на нашиот бизнис во Европа и истражувајќи во повеќе држави дојдовме до сознанието дека Македонија е најсоодветна. Гледаме огромен потенцијал во Македонија“, изјави Мач.
Купиле земјиште и сега планираат да почнат изградба на фабрика во Општина Илинден во Скопје.
„За понатамошните планови најпрво сакаме да изградиме откупен центар во Скопје и откако ќе го завршиме планираме да инвестираме во земјоделие и во добро земјиште кое ќе ни донесе приноси”, наведе Мач.