16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНеновски: Буџетот двигател на економијата и намалување на невработеноста

Неновски: Буџетот двигател на економијата и намалување на невработеноста

Tome-Nenovski-int84-4

Големината и структурата на буџетот за 2015 година на некој начин е резултат на остварувањата на економијата во изминатиот период од оваа година и она што се очекува да се оствари во текот на идната година поставено на реални параметри и основи, освен ако нема некакви изненадувања од западноевропската економија.

Toa го истакнува професорот од Универзитетот Американ колеџ Томе Неновски, во оценка за карактеристиките на буџетот за следната година.

Според Неновски,  буџетот за догодина има капитална, социјално-економска и стабилизирачка финансиска компонентна.

„ Пред се, има во себе капитална компонента која што е содржана во оние 345 милиони евра капитални инвестиции кои треба да креираат ново производство, нова продуктивност, нова додадена вредност и со самото тоа да бидат еден од двигателите на порастот на економијата во текот на следната година која е проектирана на 4 отсто“, вели во изјава за МИА Неновски.

Тоа, посочува, автоматски би требало да значи и отворање нови работни места дополнети со соодветните активности и отворање нови работни места од очекуваните странски директни инвестиции во следната година.

Во исто време, наведува Неновски, Буџетот  има и социјална компонента или социјално-економска компонента во обезбедените средства за пораст на платите и пензиите, па и за социјалните случаи во следната година.  – Тоа од своја страна ќе има резултат со зголемување на личната потрошувачка, а таа пак бара зголемена побарувачка на стоки и услуги. Тоа последователно го зголемува производството, а со се заедно повторно се враќаме на почетокот, односно на зголемувањето на БДП и создавањето или отворањето нови работни места во текот на следната година. Значи, имаме неколку измешани компоненти, вели Неновски.

Стабилизирачката финансиска компонента на буџетот, укажува, е согледана во враќањето на 420 милиони евра кон странските кредитори.

„Тоа секако ќе има соодветно влијание врз стабилизирањето па дури и можеби и намалување донекаде на јавниот долг на земјата“, смета Неновски.

Според образложението на Владата, Предлог-буџетот е во функција на исполнување на приоритетите за поддршка на стопанството и приватниот сектор преку капитални инвестиции, но и стандардот на граѓаните.

Предложениот буџет е проектиран на раст од 4 отсто на БДП, инфлација од 2 отсто и буџетски дефицит понизок од годинашниот со износ од 3,5 отсто.  Вкупните приходи за следната година се проектирани  на 163 милијарди и 280 милиони денари, а расходите  на 181 милијарда 777 милиони денари.

За капитални инвестиции се предвидени 21 милијарда 209 милиони денари, за субвенции за земјоделците 140 милиони евра…. Предвидени се и поголеми плати во јавниот сектот, како и повисоки пензии и социјална помош. Од ноември годинава со исплатата на октомвриската плата примањата во јавната администрација, според најавата, ќе се покачат за 4 проценти.  Од јули со јунската исплата социјалната помош ќе се покачи за 5 отсто, додека пензиите од октомври со исплатата на септемвриската пензија ќе се зголемат исто така за 5 отсто.

Владата со проектираниот буџет најави продолжување на инвестицискиот циклус во патната и железничката инфраструктура, а меѓу побитните проекти е Коридорот 10 за кој ќе се вложат 3,4 милијарди денари, а за железничката инфраструтура една милијарда и 311 милиони денари.  За гасификацијата ќе се вложат 258 милиони денари, а за изградба на клинички центри 529 милиони денари. За изградба и реконструкција на средни и основни училишта 600 милиони денари. За изградба и опремување на технолошко-индустриски развојни зони предвидени се 535 милиони денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП