3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Истем Медикал“ од Турција наскоро почнува со изградба на фабрика во Македонија

„Истем Медикал“ од Турција наскоро почнува со изградба на фабрика во Македонија

istem medikal 22

Турската компанија „Истем Медикал“ наредниот месец ќе почне да ја реализира најавената инвестиција во Македонија, вредна 10 милиони евра.

Ова го најави извршниот директор на „Истем Медикал“ Муса Јамурло на синоќешната средба со премиерот Никола Груевски во Анкара на која станало збор за динамичниот план на компанијата и инвестицијата на „Истем Медикал“.

„На почетокот на наредниот месец планираме да започнеме со изградба на фабриката. Инвестицијата е вредна 10 милиони евра. Првенствено ќе имаме 150 вработени и после неколку години планираме таа бројка да се зголеми и да дојде до 250 вработени. Инаку сме многу благодарни на Владата што нуди добри услови за инвестирање и секогаш се однесува пријателски и добро не прими. Економските промотори многу ни помогнаа во реализирањето на оваа инвестиција и веруваме дека со ова темпо ќе продолжиме и понатаму и ќе реализираме и други инвестиции во иднина“, изјави Јамурлу.

Оваа компанија веќе претходно објави дека ќе инвестира во технолошко – индустриската развојна зона во Скопје каде ќе произведуваат медицинска опрема, катетрхидрофилни катетери, уролошки системи и останати медицински производи.

Заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски истакна дека станува збор за уште еден успешен проект во низата проекти на Владата на Република Македонија.

„Се работи за турска компанија која ќе произведува медицинска опрема во Република Македонија и ќе придонесе за креирање нови работни места. Ова е доказ за сериозниот пристап и посветената работа на Владата која креира успешна бизнис клима за привлекување нови странски директни инвестиции“, изјави Шекеровски.

Владината делегација денеска ја продолжува својата посета на Република Турција со бизнис форум во главниот град Анкара каде ќе бидат презентирани поволностите за инвестирање во Република Македонија пред повеќе турски инвеститори и компании, а во попладневните часови премиерот Груевски ќе се сретне со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган и премиерот на Република Турција, Ахмет Давутоглу.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП