3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнис форум во Ескишехир - Ќе има инвеститори од Турција откако ќе...

Бизнис форум во Ескишехир – Ќе има инвеститори од Турција откако ќе ги видат условите за инвестирање

investiranje makedonija

Поволните услови за инвестирање во Македонија по вторпат ќе ги искористи турската компанија „Смирна Парс“. Планира да го прошири својот бизнис со купување земјиште во Могила и Новаци, Битолско.

Ова го објави сопственикот на фирмата „Смирна Парс“, Ридван Уретен денеска во Ескишехир, Турција на бизнис форум на кој владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски ги презентираше поволностите што ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.

„Нашата прва инвестиција во Македонија е во Битола, сега планираме купување земјиште во Могила и Новаци, а потоа да се прошириме и во Росоман. За таа цел имаме создавање нови садници со земјоделски производи и изградба на откупно-дистрибутивни центри. Ова е инвестиција во земјоделството“, изјави Уретен.

Истакнувајќи дека биле добро пречекани и добиле добри информации од владините институции, рече дека за нив Македонија е стратешко место бидејќи оттаму многу полесно и побрзо стигаат во Европа и може да ги пласираат на европскиот пазар.

Тој упати и порака до останатите инвеститори во Турција, уверувајќи дека откако ќе ги видат условите што ги нуди Владата ќе има многу турски инвеститори кои ќе инвестираат во Македонија.

Премиерот Груевски, заедно со владиниот тим, деновиве ги претставува можностите за инвестирање во пет градови кои се економски центри наТурција.

„Ние сме влада која е во постојан контакт со бизнисот, со стопанските комори, со компаниите. Ние секојдневно комуницираме и ги слушаме нивните барања. Ги анализираме и огромен дел од нив ги прифаќаме и спроведуваме. Така и планираме да продолжиме“, порача во своето обраќање на бизнис форумот премиерот Груевски.

Тој истакна дека реформите кои се спроведуваат во полето на економијата даваат резултати и тие се препознаени од многу реномирани институции, како Светската банка, ММФ, Фич и други. – На листата за конкурентност на Давос, за само една година Македонија има раст за 10 места, а минатата година во однос на таа пред неа имаше раст за осум места. Што значи за две години на листата за конкурентност на Давос Македонија порасна за 18 места. Нема друга држава која направила таков скок за толку кратко време, иако има уште многу да сработиме во тој правец, на што ние како влада сме фокусирани, изјави Груевски.

Тој истакна дека Република Македонија има значајни вложувања и во образованието. – Се преземаа повеќе суштински реформи за подобрување на процесот на образование меѓу кои е изучување на англискиот јазик во основното образование уште  од прво одделение,  се спроведоа инвестиции во насока на јакнење на ИТ вештините, обезбедување компјутер за секое дете, како и намалување на цената за партиципација за студирање, истакна Груевски.

Тој посочи дека се вложува и во самиот квалитет на образование за што се реализира проект за превод на 1.000 книги и учебници кои доаѓаат од 10 прворангирани универзитети во светот од кои сега изучуваат и македонските студенти. Се донесе и закон за поттикнување на инвестициите и се формира Фонд за иновации што треба да го стимулира иноваторството кое е моторот за секоја економија. – Се отворија нови универзитети и нови дисперзирани студии со што образованието стана достапно за поголем број млади луѓе, изјави Груевски.

Министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Фуркан Чако во своето обраќање пред присутните истакна дека односите со Турција се исклучително пријателски, што е добра основа за продлабочена економска соработка. – Имаме можност да разговараме со различни претставници на бизнисот и стопанственици кои се заинтересирани за инвестирање во странство, вклучително и Република Македонија. Ние сме постојано достапни за странските инвеститори и постојано спроведуваме реформи на тој план, изјави министерот Чако.

Бизнис форумот се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција (ТАББ) и Стопанската комора на Ескишехир, и на кој присуствуваа  претставници на компании од областа на високо технолошката индустрија, железничката и машинската индустрија, како и од прехранбената индустрија.

Претседателот на Стопанската комора на Ескишехир, Саваш Озајдемир во своето обраќање пред присутните на форумот изјави дека му претставува задоволство што има можност да биде домаќин на ваков бизнис настан кој е од значење за остварувањето на контакти и јакнење на меѓусебните врски.

Тој истакна дека Стопанската комора на Ескишехир поседува потенцијал кој може да се искористи.

Економијата на Ескишехир опфаќа производи за авионската индустрија, како и железничката, прехранбената и автомобилската индустрија кон која се има посебен фокус, посочи Озајдемир.  – Во Комората се присутни 790 членови. Нашата намера е во наредните години да го зголемиме бројот на членови на Комората над 1.000 големи компании и зголемување за речиси три пати на постоечкиот извоз. Се надевам додека работиме на остварување на овие цели, ќе се зацврстат нашите врски и ќе се зголеми соработката во економијата со Република Македонија, рече претседателот на Стопанската комора на Ескишехир, Озајдемир.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП