Страсните љубители на фудбалот ова лето уживаа во Светското првенство во Бразил, а денеска стартуваат нови возбудувања и тоа во Лигата на шампионите. Во борбата за највредниот европски пехар кој носи милиони евра ќе се борат 32 тима. Титулата ја брани Реал, а ако се гледа традицијата (од Милан 1990-та година, ниту една екипа не го одбрани трофејот), во мај 2015-та ќе добиеме нов владател на „Стариот континент“.
Што ќе ни донесе годинешната Лига на шампиони? Можеме да кажеме нов фудбалски поредок. Го нема славниот Манчестер Јунајтед, кој имаше катастрофална сезона, а најсилното клупско натпреварување ќе биде посиромашно и за италијанските гиганти Милан и Интер. Останатите најдобри клубови од Европа се тука: Реал, Барселона, Атлетико, Баерн, ПСЖ, Челзи, Сити, Арсенал….
Но тука се и тоталните аутсајдер кои се изборија да се најдат меѓу најдобрите 32 екипи во битката за пехарот: Марибор, Лудогорец, Бате Борисов, Апоел…
Ако може да им се верува на обложувалниците, прв фаворит за освојување на Лигата на шампионите е бранителот на пехарот Реал. Четата на Карло Анчелоти очајно ја започна сезоната, но имињата на Роналдо, Бејл, Родригез, Крос, Модриќ, Бензема гарантираат дека „кралевите“ и оваа сезона ќе бидат во најтесниот круг на кадидати за трофејот. Вториот фаворит, според обложувалниците е супер силниот Баерн. Клубот од Минхен минатата сезона застана во полуфиналето, каде ги понижи „кралскиот клуб“, а оваа година Пеп Гвардиола повторно ќе го напаѓа најважниот пехар на „Стариот континент“.
Група А: Атлетико, Јувентус, Малме, Олимпијакос.
Група Б: Реал, Ливерпул, Базел, Лудогорец.
Група Ц: Зенит, Бенфика, Монако, Баер (Л).
Група Д: Арсенал, Борусија (Д), Галатасарај, Андерлехт.
Група Е: Баерн, Манчестер Сити, Рома, ЦСКА (М).
Група Ф: Барселона, ПСЖ, Ајакс, АПОЕЛ.
Група Г: Челзи, Шалке, Спортинг, Марибор.
Група Х: Порто, Шахтјор, Билбао, Бате (Б).
Барселона ова лето го „реновираше“ тимот со цел повторно да освојува трофеи (минатата година, „каталонците“ останаа со празни раце). Пристигна и нов тренер, Луис Енрике, а најголемата „бомба“ кога играчите се во прашање, беше доаѓањето на Луис Суарез. Ако на тоа се додаде дека во тимот се ѕвезди како што се Меси и Нејмар, „каталонците“ можат да дојдат до круната.
Дали сте знаеле?
* Реал е најтрофејниот европски клуб со 10 титули.
* Најдобар стрелец во Лигата на шампионите е Раул, кој дал 71 гол, но оваа сезона веројатно рекордот ќе биде подобрен, затоа што Кристијано Роналдо постигна 68, а Лионел Меси 67 погодоци.
* Рајан Гигс е рекордер со 151 настап во Лигата на шампионите, но и тој рекорд ќе биде соборен. Чави од Барселона има 147 натпревари, а Икер Касиљас 142.
* Освојувачот на пехарот од УЕФА само како награда ќе инкасира 10.500.000 евра.
Oд англиските великани најголеми шанси за титулата му даваат на Челзи. Избраниците на Жозе Мурињо на почетокот на сезоната играат фантастично, па нема сомневање дека ќе го напаѓаат пехарот за најдобра екипа во Европа. Бразилецот со шпански пасош, Диего Коста, покажа дека е полн погодок, како и Цеск Фабрегас.
Прво коло – вторник 20.45 часот:
Група А: Олимпијакос – Атлетико (М), Јувентус – Малме.
Група Б: Ливерпул – Лудогорец, Реал – Базел.
Група Ц: Бенфика – Зенит, Монако – Баер (Л).
Група Д: Борусија (Д) – Арсенал, Галатасарај – Андерлехт.
Прво коло – среда 20.45 часот:
Група Е: Баерн – Манчестер (С), Рома – ЦСКА (М).
Група Ф: Барселона – АПОЕЛ, Ајакс – ПСЖ.
Група Г: Челзи – Шалке, Марибор – Спортинг.
Група Х: Порто – БАТЕ (Б), Билбао – Шахтјор.
Високо котира и ПСЖ. Со право! Такви ѕвезди како што се: Ибрахимовиќ, Кавани, Луиз, Силва, Кабај, Матуиди се гаранција дека „светците“ можат да ги поматат сметките на шпанските и англиските гиганти.
Не треба да се отпишат и останатите англиски претставници: Манчестер Сити, Арсенал и Ливерпул, но и италијанскиот шампион Јувентус, германскиот вицепрвак Борусија Дортмунд и минатогодишниот финалист Атлетико Мадрид.
Тука кругот на кадидатите за титулата се завршува, но минатите години малку шанси им се даваа на Атлетико и Борусија (Д), па тие стигнаа до финалето во Лигата на шампионите.
Можеме да заклучиме дека не очекуваат многу интересни дуели, па поради тоа подгответе се за нови возбудувања во Лигата на шампионите.