26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПремиерот Груевски на бизнис форум во Коџаели, презентирани можностите за инвестирање во...

Премиерот Груевски на бизнис форум во Коџаели, презентирани можностите за инвестирање во Македонија

gruevski turcija forum

Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација денеска присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Коџаели, Република Турција, при што ги презентираа поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори за отворање бизнис и нови работни места во Македонија.

Бизнис форумот беше организиран во соработка со Индустриската зона во Коџаели и на него присуствуваа менаџери од повеќе компании, претежно од областа на автомобилската и хемиската индустрија, како и претставници од металската и текстилната индустрија.

Премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните се задржа на реформите и достигнувањата кои ги има направено државата, а се важни за остварување на економската соработка. Тој посочи дека државата има стабилна макроекономска состојба и стабилен и низок процент на инфлација, што, како што истакна, е особено значајно за странските инвеститори.

„Ние сме најмногу фокусирани на создавање добра бизнис клима и тоа е нашиот приоритет, која ќе ги охрабри домашните компании да направат нови инвестиции и ќе ги привлече странските компании да дојдат во Македонија и таму да ја направат својата нова инвестиција. Во 2006-та година кога дојдовме во Владата, Светската банка ја рангираше Македонија на 94- то место според условите за правење бизнис, денес сме на 25-то место во светот“, истакна премиерот Груевски.

Имаме раст на бруто домашниот производ, додаде премиерот, кој за овој период е највисок во Европа. Во првиот квартал е 3.9 отсто, а во вториот квартал 4.3 отсто.

„И покрај сериозните предизвици со кои се соочува европската економија ние нашите сили ги насочуваме кон развој на економијата и унапредување на бизнисот и нудење поволни услови за инвестирање“, изјави Груевски.

Македонскот премиер ги потенцираше останатите поволности за странските инвеститори осврнувајќи се на ниските даноци.

„Република Македонија е земја со најмали трошоци за правење бизнис. Воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10 проценти што е меѓу најниските во Европа“, изјави премиерот Груевски.

Тој потенцираше дека освен добрите економски параметри и инвестициските поволности се инвестира и во другите области кои се важни за секој инвеститор.

Министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески се задржа подетално на карактеристиките на македонската економија, како и на успешната приказна на повеќе странски инвеститори, кои поради добрите резултати и услови за работа се одлучија да отпочнат со своите втори инвестиции во Република Македонија.

Тој посочи дека кредитната агенција Фич во септември 2014 година го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија (ББ+) како резултат на подобрените перспективи за економски раст.

„Главните трговски парнтери на Република Македонија секако се Германија, Бугарија, Грција, Србија. Меѓутоа со повеќе странски ивнестиции што влегуваат во државата секако нашата трговска размена се зголемува и со другите останати земји постоечки членки на ЕУ, меѓутоа и други земји во светот“, истакна Павлески.

Заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски се осврна на поволностите за инвестирање кои ги нудат технолошко-индустриските развојни зони, кои веќе ги користат повеќе големи компании.

На форумот обраќање имаше извршниот директор на Стопанската зона Коџаели, Ајхан Зејтиноглу.

„Нашата цел е да потенцираме се што имаме како економски потенцијал, а верувам дека со постигнувањата на вашата држава Македонија ќе можете да ги искористите тие потенцијали кои ви се на располагање“, изјави Зејтиноглу.

Меѓу другото, тој говореше за потенцијалите на областа Коџаели кои може да се искористат при што потенцираше дека се работи за област во која е сконцентрирана хемиската, основната металска и автомобилска индустрија.

„Дваесет и седум проценти од хемиската индустрија на Турција се наоѓа во областа Коџаели, а исто така присутни на овој пазар се компании „Форд“, „Хонда“ и други. Тука се присутни 13 организирани индустриски зони, три технолошки паркови и две слободни трговски зони. Затоа соработката која сакаме да се воспостави треба да го помогне растењето на економијата“, изјави Зејтиноглу.

Извршниот директор на Турската компанија ОХИ Груп Јуксел Ишбилир која минатата недела потврди дека ќе отвори фабрика за гуми во Битола, која ќе вработи 400 работници, истакна дека во Република Македонија постојат најдобри услови и околности да се започне со инвестиција.

„Затоа ние одлучивме да инвестираме и основавме компанија во Битола и планираме да започнеме со производство на лепенки за гума и други производи од гума најдоцна во октомври“, изјави Ишбилир.

Тој испрати и порака до останатите странски инвеститори.

„Мојата порака до останатите странски инвеститори е многу едноставна и јасна, најпрво треба веднаш да ја посетат Македонија и да го стекнат првиот впечаток и ако тие веруваат дека има можности за бизнис и поволни услови за извоз треба да дејствуваат многу брзо“, изјави Ишбилир.

Тој посочи дека покрај првичните имаат и пошироки натамошни планови за инвестирање во Македонија и проширување на бизнисот, но прво се фокусирани на првичната инвестиција која треба да се реализира.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП