19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМЗШВ: Ново, уникатно осигурување за земјоделците

МЗШВ: Ново, уникатно осигурување за земјоделците

zemjodelciikcoieofmakedonijasubvencii

На земјоделците од денеска им е достапен нов тип осигурување. Моделот кој во светот е пракса, а Македонија го воведува прва во регионот, предвидува фер и навремено обесштетување за секоја култура поединечно според просечниот принос на ниво на општина. Исплатата ќе се врши автоматски, наместо со теренска проценка.

Како што информира заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, новото т.н. индексно осигурување стартува со полиси за приносите на есенската пченица и јачменот, а наскоро ќе биде достапно и за пролетната пченка и винското грозје. Развиено е и поддржано од реосигурителната компанија Европа Ре и го нудат единствено домашните друштва.

„Станува збор за уникатен пристап кој ги третира сите земјоделци подеднакво. Фактот дека го воведуваме први во регионот е одличен показател за грижата и стратегискиот пристап на Владата во поддршката и развојот на земјоделството“, истакна Костадиновски на прес- конференција.

И во овој случај, напомена, важи државното субвенционирање кое покрива 60 отсто од трошоците за полисата.

„Индексното осигурување нуди ефикасна заштита на земјоделските посеви од сите видови временски непогоди – суша, поплава, мраз, поројни врнежи, град,…, во него се вградени најнапредните технологии за управување со ризици поради што претставува дополнителна сигурност за производителите“, посочи претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски.

Според Надица Јовановска Бошковска од Европа Ре, осигурувањето на приносите од екстремните временски услови ќе им помогне на земјоделците да го заштитат својот бизнис, а преку тоа и животниот стандард.

Таа најави дека веднаш по денешното лансирање на новото осигурување, организирани ќе бидат серија трибини за директно запознавање на земјоделците и нивните здруженија со придобивките.

Одговорајќи на новинарско прашање, заменик-министерот оцени дека откако Владата го воведе субвенционирањето на полисите, интересот на земјоделците за осигурување е зголемен. Оваа година се доставени 2.100 барања за разлика од лани кога беа 1.500.

„Не застануваме на оваа бројка. Ќе продолжиме со воведување и промовирање комбинирани мерки за што поголема искористеност на актуелните со единствена цел – максимална заштита на земјоделците“, подвлече Костадиновски.

Податоците од Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажуваат дека четири отсто од вкупните земјоделски стопанства во земјава купуваат осигурување. Во последните две години забележаан е голема стапка на раст на продажба на полисите. во 2013 година во однос на 2012-та се продадени 52 процента повеќ полиси, а во првата половина од 2014-та во однос на истиот период лани се продадени 40 отсто повеќе полиси за земјоделско осигурување.

Земјоделското осугурување има највисока стапка на раст во однос на останатите услуги што ги нудат осигурителните друштва, беше констатирано на прес-конференцијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП