Во текот на претходната недела се појави документација која откри дека „Microsoft“ има во план да го отфрли брендот „Nokia“ во наредните месеци. Некои медиуми наведоа дека бројни корисници помислиле дека ова значи крај на компанијата „Nokia“ и овој бренд во целост.
Финската компанија, се уште позната како „Nokia“, исто така изрази одредена загриженост поради настанатата ситуација, но и ја искористи можноста со писмо да ја потсети јавноста дека компанијата не е мртва. Поточно, „Nokia“ моментално се наоѓа во прилично добра состојба.
Бери Френч, извршниот потпретседател за маркетинг во „Nokiа“, на својот блог истакна: „Да, го продадовме мобилното одделение на „Microsoft“. Но денешната „Nokia“ е финансиски јака и посветена е на своите предности“.
„Nokia“ во својата натамошна работа ќе се фокусира на телекомуникациската инфраструктура, „HERE“ мапите и навигациските системи, т.е. развојот и истражувањето на технологиите (флексибилните „OLED“ панели). Тука е и неодамна објавениот проект за развојот на „5G“ мрежата, чија тест имплементација се очекува во наредната година во Финска.