Од почетокот на економската криза во 2008 година, во Грција е затворена речиси секоја трета филијала на банка, јави дописникот на МИА од Атина.
Според „Катимерини“, четирите најголеми банки во Грција од почетокот на кризата затвориле 990 филијали низ целата земја, така што од крајот на јуни Националната банка на Грција, Пиреја, Алфа и Еуробанк имале 2.523 филијали во споредба со 3.513 во периодот пред кризата.
Ако се земат предвид филијалите и на помалите банки, вкупно се затворени околу 1.200, што значи дека сега се затворени една од три банкарски подружници кои функционирале во 2008 година.
Покрај ова, банкарите предвидуваат дека во наредните четири години ќе се затворат уште 300 филијали. Банката „Пиреја“, која презеде шест други банкарски мрежи во Грција, го намали бројот на филијалите од 1.354 на 873, што значи дека се затворени 481 подружници. „Пиреја“ исто така отпушти и 2.700 вработени. „Алфа“ банката ја намали својата мрежа на 607 од 794 филијали. Националната банка на Грција затвори 181 филијали и сега има 528, а „Еуробанк“ затвори 141 филијали и сега има 517. Пред кризата во Грција имаше 19 банки, додека денес има само седум.