Индустриското производство во еврозоната порасна за еден процент во јули, покажаа официјалните податоци во Брисел.
Ова е ретка позитивна вест за економијата на европската монетарна унија, која се бори со забавувањето на растот и ниската инфлација.
Растот на индустриското производство претставува пресврт во однос на падот од 0,3 проценти од претходниот месец, кој ги изненади аналитичарите, пренесува агенцијата Франс прес.
„Денешните податоци будат надеж дека економијата на еврозоната се опоравува и дека во третиот квартал таа ќе се врати на патот на растот, по стагнацијата во вториот квартал“, наведува аналитичарот на ING Мартин ван Влиет.
Во 28-члената ЕУ, индустриското производство порасна за два проценти на месечно ниво, а најголем раст од 11,3 проценти забележа Ирска, пред се благодарение на фармацевтскиот сектор. Производството е истовремено најмногу намалено во Данска (4,7 проценти) и Грција (1,7 проценти).
Слабата побарувачка во еврозоната доведува до пад на цените, па инфлацијата во монетарната унија изнесува само 0,3 проценти.