19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА23 години самостојна Македонија

23 години самостојна Македонија

aad

Република Македонија денеска одбележува 23 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.

Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

aac

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци.

Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација.

cccv

Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.

Во изминатите 23 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената нфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели-зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури.

Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната потребни за членство во НАТО.

И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.

Во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на ристапните преговори со Унијата, која беше повторена и годинава. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.

По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, денеска собраниска делегација во состав од Даниела Рангелова, Љупчо Димовски, Авдија Пепиќ и Каљтрина Азизи ќе положи цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија” во паркот „Жена борец“. Цвеќе ќе положат и партиски, општински и граѓански делегации.

nezavisnostt

За државната награда „8-ми септември“, која оваа година ќе се додели по трет пат, а е поделена во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот, пријавени се 19 кандидати.

За животно дело се пријавиле четворица, а за признание вкупно 15 кандидати. Еден ќе ја добие наградата за животно дело, а на четворица ќе им бидат доделени признанија.

За „Животно дело“ конкурирале Венцислав Недев, Лазар Лечиќ, Таки Џиков и Стеван Крстевски.

За наградата „Признание за остварувања во областа на спортот“ конкурирале: Бојан Рангелов, Мирослав Петровиќ, Кочо Димитровски, Александар Китанов, Ристо Дарлев, Кирил Манев, Ифраим Љута, Ѓорѓи Кузмановски, Ленче Алексовска Величковска, Руждија Калач, Ристо Магдинчев, Томи Александровски, Слободан Николиќ, Сашко Поповски, Љупчо Стојчевски.

Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која ќе му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија.

Свеченото доделување и соопштување на носителите на државната награда за спорт ќе се одржи денеска во Владата на Република Македонија.

По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, синоќа во Македонскиот народен театар, се одржа свечена академија под покровителство на претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски.

На академијата присуствуваше државниот врв на Република Македонија, пратениците и министрите од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во Република Македонија, како и претставници од сите сфери на политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП