28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСредба на компании од градежниот сектор од НР Кина и Македонија

Средба на компании од градежниот сектор од НР Кина и Македонија

sredba kina mk

Пренесувањето на искуството стекнато на големи проекти во НР Кина од страна на кинеските компании ќе биде добредојдено за македонските градежни компании, а нашето долгогодишно градителско искуство во земјава и во странство се очекува да биде предизвик за заедничка соработка на веќе отпочнати проекти во земјата, но и на други кои се најавуваат.

Ова е оценката од денешната средба во Стопанската комора на Македонија на компании од областа на градежниот сектор од НР Кина и Република Македонија. Стопанската делегација од Далечниот Исток ја предводеше Чи Чангаи, претседател на Асоцијацијата за градежништво во Кина.

„Од страна на Владата обезбедени се средства и почнати се поголеми инвестициски зафати за изградба на коридорот 10, на делницата Демир Капија – Смоквица, автопатите од Миладиновци кон Штип, од Кичево кон Охрид, потоа проширување на патот Велес – Кадирфаково, од две на четири ленти, како и реконструкција на автопатот Велес – Скопје. Вкупната вредност на овие инвестиции изнесува околу 860 милиони евра. Покрај тоа, се планира доизградба на железничката пруга кон Бугарија, на низа објекти во здраството во Клиничкиот центар во Скопје, и слично“, истакна Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, претставувајќи го градежниот сектор во земјава.

Чи Чангаи пред присутните подвлече дека потпишаниот Договор за соработка во градежништвото меѓу двете земји, треба да претставува предизвик за компаниите, со цел создавање и на повисоки форми на соработка.

Градежништвото во Република Македонија, во последните неколку години има тренд на зголемување на активностите. Неговото учеството во БДП на земјава постојано се зголемува.

Во 2010 година беше 5,6 отсто, во 2011 – 6,5, 2012 – 6,8 и во 2013 година – околу 7 отсто. Ова учество го остваруваат 4.322 компании со околу 45.000 вработени. Градежните компании учествуваат со околу 6,1 отсто во бројот на вкупно активните компании во државата.

Вкупната трговска размена на Република Македонија со НР Кина во првите шест месеци од 2014 година достигна вредност од 237,4 милиони американски долари, што претставува пораст од 0,62 отсто во однос на истиот период од 2013 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 27 милиони долари или пад од 42,3 отсто, додека увозното салдо изнесува 210 милиони долари и бележи зголемување од 11,2 проценти во споредба со истиот период од 2013 година.

Во вкупната надворешно-трговска размена, НР Кина е седми трговски партнер на Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП