Контроверзниот план на унгарската влада за префрлување на теретот од високите отплати на хипотекарните кредити на банките би можел да и наштети на целата економија на земјата и некои загрозени кредитори да ги избрка од Унгарија, проценуваат аналитичарите.
Околу половина Унгарци во овој момент имаат огромни рати за отплата на кредит, бидејќи пред појавата на финансиската криза подигнале поволни кредити во швајцарски франци, евра и јапонски јени, но подоцна вредноста на националната валута форинти опадна, поради што се зголемија месечните рати, пренесува агенцијата Франс прес.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, повеќе пати се обиде товарот од кредитите да го префрли на банкарскиот сектор, кој го обвинува за залажување на потрошувачите со премногу атрактивни кредити.
Според новиот унгарски закон, банките ќе мораат да рефундираат дел од приходите кои ги генерирале во последните 10 години, а тоа се однесува на приходите од каматите на сите кредити, приходите по основ на курсните разлики на кредитите одобрени во швајцарски франци, како и приходите од провизијата која не смееле да им ја наплатуваат на клиентите.
Аналитичарите, сепак, предупредуваат дека ваквиот закон може да го загрози економскиот раст на Унгарија, која во изминатите пет години два пати беше во рецесија, бидејќи домаќинствата имаа потешкотии при враќањето на долговите.
Од претставувањето на овој закон, унгарската форинта е во пад, а на почетокот на овој месец таа потона на најниското ниво за последните 30 месеци во однос на еврото.
Аналитичарите предупредуваат дека драконските мерки ќе имаат сериозни последици по веќе ослабениот унгарски банкарски сектор, кој поради одредени политики на претходната влада веќе помина низ тежок период и загуби повеќе од еден милион долари во 2011 година.