Португалија сеуште се надева дека оваа година ќе го намали буџетскиот дефицит на четири проценти од бруто домашниот производ (БДП), и покрај тоа што Врховниот суд отфрли еден дел од мерките прогласувајќи ги за неуставни, соопшти американската рејтинг агенцијата „Fitch“.
„Со најновата одлука се намалуваат клучните краткорочни ризици за консолидацијата, додека португалските власти остануваат на патот за постигнување на зацртаните цели во оваа година“, се наведува во соопштението на „Fitch“.
Меѓу отфрлените мерки за штедење од страна на судот е мерката за данок на пензиите, која во наредната година требаше да го дополни буџетот со 372 милиони евра, но Врховниот суд сепак усвои некои од мерките како што е мерката за привременото намалување на платите на државните службеници.
„Ваквата одлука го потврдува нашиот став дека Португалија во оваа година ќе ја достигне зацртаната цел за буџетскиот дефицит од 4,0 проценти од БДП“, соопштија од „Fitch“, и додадоа дека во 2015 година официјален Лисабон би требало дополнително да го намали буџетскиот дефицит на 2,75 проценти од БДП.