28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочнува рокот за доставување барања за отпис на долгови

Почнува рокот за доставување барања за отпис на долгови

smetka-strujaaa

Од денеска граѓаните ќе можат да ги поднесуваат барањата за отпис на долгови во центрите за социјална работа во местата во кои живеат или во оние најблиску до местото на живеење.

Министерството за финансии вeќе го објави јавниот повик за еднократен отпис на долгови на најранливите категории. Барањата граѓаните ќе ги поднесуваат во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството, а за негово прифаќање ќе одлучува посебна комисија.

Граѓаните треба да пополнат барање на еден посебен формулар, и тоа да внесат основни податоци, име и презиме за себе и за брачниот другар, како и тоа каков вид долг имаат. Со себе треба да носат лична карта и лична карта на брачниот другар. Тие ќе треба да потпишат изјава со која ќе дадат согласност за државните институции да можат по службена должност да ги набават сите други потребни документи од државните институции со цел постапката да биде поедноставна за граѓаните и да мора да одат по шалтери да ја обезбедат потребната документација.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со реализација на проектот за еднократно отпишување на долговите,  Владата значително ќе им помогне на најранливите категории на граѓани кои поради влошените финансиски услови и последиците од долготрајната европска и светска криза не можеле да ги платат обврските навреме.

„На ваков начин се реализира едно од најзначајните ветувања и најзначајните проекти во програмата на Владата за периодот 2014/2018 година кон граѓаните односно кон најранливите категории“, рече Ставрески.

Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Со мерката се отпишуваат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.

Во проектот се вклучија сите банки во Република Македонија, ЕВН, ЕЛЕМ, Топлификација, МРТВ две штедилници, Нотарската комора и Комората на извршители. Имавме широк одѕив на субјкети кои имаат побарувања од граѓаните и сакаат да се вклучат во овој проект. Со сите нив ќе има постапка потпишување на договорите.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку ќе се пријават.

Со мерката заедно со главниот долг предвидено е да се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари и извршители. За отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, Топлификација ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент на долгот кој нема да биде повеќе од 10 отсто од отпишаниот долг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП