25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛозарите и винарите не постигнаа договор за цената на грозјето

Лозарите и винарите не постигнаа договор за цената на грозјето

grozje

Лозарите и винарите на денешната заедничка средба во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не постигнаа договор околу откупната цена на грозјето.

Став на визбите е да се задржат минатогодишните цени, а производителите бараат два денара повеќе.

Како што изјавија по средбата, родот на грозјето ќе биде преполовен  и проблеми со откупот не се очекуваат, но спорен е квалитетот.

„Најсолидарен пристап кон нашите партнери, лозарите, би било зачувување на ланските цени со оглед дека сегашните услови не гарантираат квалитет соодветен на минатогодишниот“, рече Игор Илиевски од „Тиквеш“, додавајќи дека годинава ќе биде исклучително тешка.

Во овој момент, додаде, од исклучителна важност е да има одредена берба поради значително намалените количини, од 40 до 50 проценти.

„Во сите лoзови насади моментно виреат најразлични болести. Останува да видиме, зависно од климатските услови, каков ќе биде квалитетот“, истакна Илиевски.

Според претседателот на Здружението на лозари „Агротиквешија“ Љупчо Аризанов, ваквата политика е погубна за лозарството. Не е добро и тоа што винарите го девалвираат родот.

„Ни требаат само сончеви денови за да се санира состојбата. Количините што останаа може да бидат со врвен квалитет, а тоа ќе го покаже бербата. Не можеме да кажеме дека има ботритис и дека тоа ќе биде крајниот епилог. Вранецот ќе биде дефицитарен. Можеби позастапени ќе бидат белите сорти, но и кај нив има оштетувања. Ос  тануваме на ставот за цената и тука мора да се бара соодветно решение. Визбите немаат слух. За нив тоа што го бараме е профорсирано, но за нас не е така“, посочи Аризанов.

Според него, издатоците годинава беа енормни, дури три пати поголеми од лани особено во однос на заштитните средства со кои се третираше повеќекратно.

Една од сугестиите на лозарите е субвенционирањето на грозјето да биде по хектар или по килограм што оваа година е неможно зашто има насади кај кои родот е 100 процентно уништен.

Ресорниот министер Михаил Цветков потврди дека засега нема договор помеѓу двете страни, но, како што напомена, државата ќе направи максимални напори за да ги заштити лозарите, особено малите призводители кои во моментов се соочуваат со најголеми проблеми.

Минатата недела министерот Цветков одржа одделни состаноци со лозарите и винарите на кои му беа посочени актуелните проблеми во секторот. Лозарите годинава бараат 11 до 13 денари за килограм смедеревка и 13 до 15 денари за сортата вранец што за винарите е префорсирана цена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП