11 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо понеделник пријавување за учесниците во мерката отпис на долговите

До понеделник пријавување за учесниците во мерката отпис на долговите

dolgovi otpis

Заинтересираните компании кои сакаат да учествуваат во владината мерка за отпис на долговите на ранливите категории може да се пријават до понеделник. Покрај ЕВН Македонија, Комерцијална и Тутунска Банка и Стопанска банка АД Скопје се пријави да учествува на повикот на Владата за отпис на долговите.

Одлуката, како што соопшти Банката, ја донесе Надзорниот одбор на седница одржана на 30 јули годинава.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до октомври, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку ќе се пријават.

Барањата за отпис на долговите граѓаните ќе ги поднесуваат во центрите за социјална работа во местото на живеење во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството за финансии, а за прифаќање на барањето ќе одлучува посебна комисија формирана од министерот за труд и социјална политика.

Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, како и за радио дифузна такса.

Со мерката заедно со главниот долг предвидено е да се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари и извршители.

За отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, Топлификација ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент на долгот кој нема да биде повеќе од 10 отсто од отпишаниот долг.

Со оваа мерка се отпишуваат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.

Услов за првите две категории за да ја користат оваа мерка е да немаат остварено дополнителни приходи поголеми од 105.600 денари во 2013 година и да не поседуваат друг имот освен станот или куќата во која живеат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП