2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоректно и избалансирано известување за Охрид, бара градоначалникот Бакрачески

Коректно и избалансирано известување за Охрид, бара градоначалникот Бакрачески

nikola-bakraceski

Медиумите да имаат коректен и избалансиран пристап при известувањето за Охрид особено во текот на туристичката сезона, апелираше денеска градоначалникот Никола Бакрачески.

Бакрачески на прес-конференција во Скопје укажа дека нема ден, во некој од медиумите да не се објави тенденциозен или некоректен новинарки прилог со кој најчесто неосновано се критикува Охрид.

„Се почна минатиот месец со наводно високите цени во угостителството иако се тие три до пет пати пониски од оние во Грција, а продолжи со лошиот квалитет на услугите, лошото однесување и слабата едуцираност на персоналот во хотелите, со концертот на Цеца во кој, јасно дадов на знаење, локалната самоуправа не беше вклучена. Имаше и прилози дека некои плажи имаат многу водни змии, дека Охрид се дави во ѓубре иако никогаш не бил почист. Ова беше несфатливо за нас. Од друга страна, цело лето не видовме афирмативен прилог со кој би се промовирал туризмот во градот, неговите вистински вредности, предностите во однос на селата и селцата во Грција каде летуваат најголем дел од македонските туристи“, посочи градоначалникот.

Според него, ретки, кратки, информативни беа и прилозите за Охридско лето, за настапите на врвните уметници од највисока светска класа во музиката, операта и балетот, понуда што ретко се среќава во која било туристичка дестинација, за Балканскиот фестивал на народни песни и игри, Фестивалот на француски филм, Поетските читања, 250-те археолошки локалитети, 100-те цркви, иконите, уметничките галерии, традиционалните занаети, ракотворбтите, уникатниот охридски бисер, природните убавини како Галичица, уредените плажи, забавните, рекреатвините, спортските содржини за сите возрасти,…

„Зарем по секоја цена треба да го поддржуваме туризмот во другите држави на штета на Охрид? Се разбира, Охрид има и недостатоци и маани и грешки во организацијата во летната сезона на кои ние интензивно работиме. Коректните, основани, избалансирани критики не само што ги прифаќаме, туку тие се и корисни за нас, ни служат како своевиден патоказ од кој учиме како да ги поправиме грешките и да ги елиминираме недостатоците“, напомена Бакрачески.

Жално е, додаде, да се потценуваат и плукаат вистинките културни, историски, духовни и природни вредности на Охрид.

„Охрид не им припаѓа само на охриѓани, Охрид е на сите нас, а неговото културно и природно богатство е одамна препознаено од светската јавност и е заштитено од УНЕСКО“, потенцира градоначалникот.

Тој ја оцени туристичката сезона како позитивна со напомена дека бројот на странски гости е зголемен за 6,5 отсто. Странци, особено од Холандија, почнаа и да се доселуваат во Охрид. Се купуваат станови и куќи во Пештани, Лагадин и стариот дел на градот. Атрактивни се и Велестово, како и населбата Рача.

Осврнувајќи се на цените, Бакрачески укажа дека ноќевање во приватни куќи чини 300 до 600 денари, полуксузно сместување е до 2.000 денари, полупансион 1.000 до 2.000 или 6.000 до 12.000 во апартмани. Во кафетериите, природните сокови се 50 до 80 денари, пивото 60 до 120 денари, кафето 40 до 100 денари, турско некаде и само 20 денари, а има и понуда еспресо со минерална вода за 50 денари. Рестораните за брза храна работат 24 часа при што хамбургер може да се купи за 80 до 120 денари, а парче пица за 60 до 80 денари.

„Цените не само што се прифатливи, туку се и за три до пет пати пониски од оние во Грција“, потенцира Бакрачески.

За посетеноста на Охрид, според него, зборува и фактот дека годинава сите хотели се закупени за шест месеци.

Заменик министерот за економија Христијан Делев истакна дека Владата продолжува со мерките за развој на туризмот во Македонија.

„Зголемениот број на странски туристи за 6,5 отсто само потврдува дека владините заложби и мерки за развој на туризмот се во вистинска насока“, нагласи Делев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП