29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПониска цена на парното од август, предлага РКЕ

Пониска цена на парното од август, предлага РКЕ

radijator 3333

За 4,69 проценти пониска цена за парно греење од 1 август да плаќаат домаќинствата приклучени на системот на компанијата „Балкан енерџи груп“, а останатите нејзини потрошувачи за 16,60 проценти, предлага Регулаторната комисија за енергетика.

За потрошувачите кои го користат дистрибутивниот систем на „ЕЛЕМ енергетика се предлага линеарно намалување на цената на топлинската енергија за 4,09 проценти. Домаќинствата, пак, корисници на дистрибутивната мрежа „Скопје Север“, според предлогот, ќе плаќаат парно со пониска цена за 0,48 проценти, а тие од категоријата останати за 5,2 проценти, информира денеска на прес-конференција претседателот на РКЕ Димитар Петров.

Предлогот на новата цена на топлинската енергија е утврден заедно со компаниите денеска на подготвителна седница, а за конечната одлука ќе се решава утре.

„Имаше мали забелешки од страна на Производство на топлина и Дистрибуција на топлина во однос на калкулациите на трошоците кои ќе ги достават до крајот на денот во писмена форма и на утрешната главна седница би требало да ги разгледаме повторно, но не очекуваме големи промени или какви било промени во однос на предлог-одлуката за утврдување на регулираниот максимален приход“, рече Петров.

Намалувањето на цената на парното, според него, се должи на поволната состојба од минатата година со намалените трошоци за производство на топлинска енергија, претежно заради проектираната цена на природниот гас, како и за количината на потрошеното гориво.

„Ова е и во насока на одржување на целиот систем и во однос на потрошувачите кои со извесен тренд почнаа да се исклучуваат од дистрибутивната мрежа на Балкан енерџи и да организираат сопствено греење“, рече Петров.

Компаните, како што наведе, побарале но не било прифатено во предлог-одлуките да се вклучат ризиците од очекувањата за евентуална гасна криза поради случувањата во Украина.

„Доколку навистина има такви сознанија и такви информации во Правилникот и во Методологијата постојат можности за интервентна калкулација, повторно и корекција на цената, доколку вкупните трошоци на компаниите надминуваат 5 проценти од утврдените во предлог одлуката“, посочи претседателот на РКЕ.

Кај „Балкан енерџи“, кој покрива најголем дел од потрошувачите во Скопје, намалувањата на цената досега се вршеа линеарно, но како што појасни Петров, минатата недела е направена промена во соодносот на процент помеѓу домаќинствата и останатите.

„Досегашниот сооднос од 1:2 е намален на 1:1,75, или буквално за тоа што останатите потрошувачи плаќаа двојна цена во однос на домаќинствата соодност е намален на 1:1,75. На некој начин го направивме првиот чекор на намалување на вкрстеното субвенционирање од страна на категоријата останати потрошувачи на топлинска енергија кон категоријата домаќинства“, наведе претседателот на РКЕ.

Вкупното намалување на цената на парното за корисниците на „Балкан енерџи груп“ за една година е 21 процент, а за останатите корисници 34 проценти. Намалувањето, смета Петров, ќе испрати порака до потрошувачите да останат приклучени.

„За потрошувачите на дистрибутивната мрежа сопственост на „Елем енергетика“ намалувањето е линеарно бидејќи се уште се користи стариот тарифен систем. Потребна е цена по квадратен метар затоа што се уште во целиот конзум не се инсталирани калориметри за мерење на потршена топлинска енергија. До почетокот на сезоната би требало да бидат инсталирани мерачите во колективните станбени објекти, но мора да имаме цена затоа што фактурирањето ќе почне од 1 август годинава“, појасни Петров.

Тој укажа дека се уште има тренд на исклучување на домаќинствата од дистрибутивната мрежа на Скопје Север и оти операторот има сериозни проблеми со процентот на наплатата.

„Со ова намалување буквално би требало барем потрошувачите кои им се клучни од групата на останати потрошувачи да останат да ги користат услугите на Скопје Север“, посочи претседателот на РКЕ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП