Најголемиот британски комерцијален ТВ оператер, „British Sky Broadcasting“ (BSkyB) се согласи да плати околу 4.9 милијарди фунти (8.3 милијарди долари) за купување на сателитските платформи на медиумскиот магнат Руперт Мурдок во Германија и Италија.
Со тоа британската компанија ќе превземе 57 отсто од акциите на Мурдок во медиумските куќи „21st Century Fox“ и „Sky Deutschland“ за износ од 2.9 милијарди фунти и ќе достави понуда од 6.75 евра по акција за преостанатите акции со кои ќе се тргува на берзата.
За превземање на „Sky Italiа“, „BЅkyB“ ја договори цената од 2.45 милијарди фунти, од кои 2.07 милијарди ќе бидат исплатени во готово, а остатокот по пат на префрлање на 21 процент од акциите кои „BЅkyB“ ги поседува во каналот „National Geographic“ нa „Fox“ и чија вредност се проценува на 381 милиони фунти.
Со ова купување, „BЅkyB“ ќе настојува да се спротивстави на се послабите резултати на домашниот пазар, но и да ја создаде најголемата европска сателитска мрежа, оценува „Reuters“ и потсетува дека компанијата на Мурдок „21st Century“ поседува 39 проценти од акциите во „BЅkyB“.
„Проширената компанија ќе стане светски мултинационален ТВ оператор кој ќе ги нуди своите услуги на 20 милиони клиенти“, се наведува во соопштението на „British Sky“.