Меѓународниот монетерен фонд (ММФ) ја намали својата прогноза за растот на глобалната економија и предупреди на геополитичките ризици со кои таа се соочува.
Според најновата проценка на ММФ, што беше објавена денеска, глобалниот бруто домашен производ (БДП) во текот на оваа година ќе порасне за 3,4 проценти.
Претходната прогноза, од април годинава, предвидуваше раст од 3,7 проценти.
ММФ очекува економијата на САД, најголемата светска економска сила, во 2014 година да порасне за само 1,7 проценти, што е најнисок раст од завршувањето на рецесијата од пред пет години.
Ова е значително намалување на растот во споредба со претходната прогноза од 2,9 проценти и се должи главно на драстичниот пад на американскиот БДП од 2,9 отсто во првиот квартал од годинава.
Фондот драстично ги намали и своите очекувања за економскиот раст на Русија, на само 0,2 проценти.
Главната причина за тоа е украинската криза, која доведе до значително намалување на странските инвестиции во земјата.
ММФ, исто така, за 0,2 процентни поени на 7,4 проценти ја намали и својата прогноза за растот на БДП на Кина.
Ако оваа прогноза се оствари, втората по големина светска економија ќе го регистрира својот најслаб раст во последните 25 години.
Геополитичките ризици во Украина и на Блискиот Исток претставуваат закана на глобалниот економски раст, што и без тоа веќе го загуби темпото поради забавувањето на двете најголеми светски економии, американската и кинеската, предупреди ММФ.