24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМанифестацијата „Откриј го Крушево“ на 27 јули

Манифестацијата „Откриј го Крушево“ на 27 јули

krusevo299834

Крушево на 27 јули ќе биде отворен простор на кој ќе се промовираат сите можности кои градот и околните планини ги нудат за секаков тип на посета, обичен или авантуристички туризам.

Мотото на настанот ќе биде „Откриј го Крушево – природа, култура, авантиура“, а преку низа активности кои ќе траат преку целиот ден, почнувајќи од раните утрински часови, ќе се прикажат сите можности што ги нуди градот за туристите од Македонија и од странство.

Настанот ќе биде збогатен и со голема забава на „Мечкин Камен“ со настап на „Љубојна“ и „Суперхикс“ и пикник со крушевска скара.

„Во соработка со Пелагонискиот плански регион и со директна поддршка на УСАИД работиме да се популаризира Крушево како туристички центар. Токму од Крушево ќе почне и проектот за развој на слободното летање со параглајдери и делтаплани во Македонија што исто така го спроведуваме со директна поддршка од УСАИД“, рече директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски на денешната прес-конференција во Скопје.

Тој посочи дека целта на проектот е да се популаризира Крушево како центар на параглајдерство во Македонија и да се овозможи порамномерен регионален развој на туризмот.

„Неоспорно е дека туризмот претставува една од најперспективните стопански дејности и затоа постојано се работи на негово унапредување. Освен активностите што ги имаме за интензивна промоција на Македонија работиме и на подобрување и збогатување на туристичката понуда во земјава“, рече Џамбазовски.

Директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот регион, Емилија Героска рече дека на 27 јули на посетителите на Крушево ќе им бидат понудени пешачки патеки, јавање со коњи, прошетка низ Крушевската корија стара 300 години, дегустација на старата крушевска кујна и крушевскиот локум, посета на леарницата и старата Крушевска чаршија чии дуќани цел ден ќе бидат отворени за да можат да се видат традиционалните занаети, како и познатите везови на крушевските жени,…

„Крушево на 27 јули ќе покаже дека има природа, авантура и култура спакувана на начин што за секој турист претставува атрактивен туристички производ. Настанот ќе го зачиниме со параглајдиг од Мечкин Камен каде е организирана специјална лотарија преку која сите среќници ќе имаат можност да ја видат Пелагонија од птичја перспектива“, рече Героска.

Директорот на проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, Карл Ларкинс посочи дека туризмот е значаен дел од македонската економија заради што со задоволство го потпомогнале организирањето на настанот „Откриј го Крушево“.

„Туризмот е одлична можност за да се работи, а со овој проект практично се привлекуваат како домашни, така и странски туристи. Се надевам дека во наредните две години заедно со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе работиме на проекти како овој, но и за привлекување на странски туристи во Македонија“, рече Ларкинс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП