2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЏамбазовски: Бројот на странски туристи бележи раст од 100 проценти

Џамбазовски: Бројот на странски туристи бележи раст од 100 проценти

туристи-скопје

Бројот на туристи бележи континуиран раст. Во период од осум години забележан е раст од 100 проценти. Годинава се очекува бројот на странски туристи да надмине 450 илјади. Најбројни се посетителите од Турција, Грција, Србија, Холандија и Бугарија, а нови целни групи се Кина, како и Северна Америка каде ќе се понуди активниот туризам.

Ова во интервју за МИА го истакнува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски.

„Претходната 2013 година успешно ја заокруживме и завршивме и го остваривме и го надминавме она што го прогнозиравме. Значи имаме раст од 14 проценти на странски туристи што претставува 2,5 пати повеќе од просечното што го има за светот според Светската туристичка организација. Нашите прогнози се дека до крајот на 2014 година ќе надмине бројка од 450 илјади посетители, странски посетители“, вели во интервјуто Џамбазовски.

Најбројни, како што додаде, за минатата година биле туристите од Турција 72 илјади кои се следени од туристи од Грција, потоа од Србија, Холандија и Бугарија. – Значи тоа е првата петорка во рангирањето во нашата листа по број на посетители. Очекуваме дека можеби од следната година ќе има некое разместување со оглед на тоа што имавме бројни презентации од почетокот на годината, додава Џамбазовски.

Напоменувајќи бројни презентации на саеми, најави дека нова дестинација е Франција, Кина каде ќе има самостоен, но и заеднички настап со земјите од регинот, Русија и Северна Америка.

Истакнува дека обработените податоци за годинава покажуваат раст од пет проценти и оти покажуваат дека Македонија оди во добра насока и покрај тоа што имаше природни непогоди во балканскиот регион.

За субвенциите, како мерка за привлекување туристи, Џамбазовски рече дека дава резултати.

„Бројот на апликации што се поднесени за субвенционирање е над 520 и се одобрени над 1 милион евра за организирање туристички патувања во Македонија кон странски турооператори и предничат во тој дел државите од вториот круг со 80 проценти одобрени средства кои ја вклучуваат Холандија, Белгија и скандинавските држави. Потоа се вмешуваат во првите исто така Австрија и Турција. Сега очекуваме да се вклучи и Русија со оглед дека 65 евра се субвенциите веќе и за рускиот пазар. Резултатот на субвенционирањето може да се види веднаш по статистиката. Значи оние пазари на кои не сме биле присутни сега се вбројуваат во топ пет како посетители во Македонија“, изјави Џамбазовски.

Тој потенцира дека во моментов од туризмот приливот е 200 милиони евра и оти неговото учество во БДП два проценти и тој да порасне на 5 проценти до 2020 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП