2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСредба на директорите на македонски и на грчки железници

Средба на директорите на македонски и на грчки железници

photo219

Директорот на јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура Ирфан Асани во Атина се сретна со неговиот грчки колега Панајотис Теофанопулос.

На средбата, двајцата соговорници разговараа за воспоставување на железничкиот сообраќај меѓу двете држави преку граничниот премин Битола-Кременица-Кафкасос на Коридорот 10.

Асани информираше за динамиката на реконструкцијата на пругата од македонска страна во должина од 16 километри што треба да започне годинава, а се очекува да заврши до крајот на идната година.

Од грчка страна, како што соопшти денеска Македонски железници – Инфраструктура, потврдена е определбата станицата Кафкасос да биде заедничка гранична станица, а изразена е и подготвеност Грчките железници со сопствени средства да ја реконструираат станичната зграда и сите дополнителни објекти за таа да може да функционира како станица на највисоко ниво.

Двајцата соговорници разговараа за зголемување на интензитетот на товарниот сообраќај по Коридорот 10 и ја поддржаа идејата следните чекори за заедничките точки за железничко поврзување да се остваруваат во присуство и на ресорните министерства.

Дадена е и поддршка за напорите што ги прави македонската страна околу изградбата на Коридорот 8, особено за последната делница Крива Паланка до бугарска граница, како и за сите проекти финансирани преку ИПА фондовите наменети за модернизација на Коридорот 10 и делот на проектирање и подготовка на техничката документација за Коридорот 8.

На состанокот станало збор и за меѓусебната размена на капацитетите во областа на телекомуникациите за што постои можност имајќи предвид дека на граничниот појас Гевгелија – Идомени има оптички кабел.

Посетата во Атина следува по првата средба меѓу двајцата директори што по долгогодишна пауза беше остварена во Скопје на 17 јули минатата година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП