3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски сладолед привлекува туристи во Чешка

Македонски сладолед привлекува туристи во Чешка

M

Во туристичкиот град Требоњ, во јужниот дел на Чешка, не се само замокот и бањите интересни за посетителите, туку голем дел од нив тука доаѓаат и за сладоледот кој веќе 14 години го произведува и продава Македонецот Туран Реџепи.

Ова го пишува чешкиот интернет портал „Финанчни новини“ пренесувајќи го интервјуто на Реџепи, чии две слаткарници во лето се отворени седум дена во неделата од наутро до навечер, јави дописникот на МИА од Прага.

„Се приспособувам на она што го сака клиентот. Во Чешка, на пример луѓето сакаат помалку благ сладолед отколку во земјите на поранешна Југославија. Ме интересира што луѓето мислат за сладоледот и за тоа разговарам со нив“, вели Реџепи за кого мештаните велат дека популарноста ја стекнал со сопствениот рецепт и акробатските вештини при служењето на сладоледот.

Тврдејќи дека рецептотот за сладоледот е таен, Реџепи открива само дека е важно да се има добри суровини за изработка, а вкусовите се само додаток.

Реџепи не се жали дека во лето работи и по 16 часа во денот и додава дека во декември кога ги затвора на кратко своите дуќани оди во посета на своите роднини во Македонија.

„Но, дома веќе се чувствувам тука и сакам да останам засекогаш“, вели Реџепи, кој зборува пет јазици и од пред извесно време во Чешка ги довел и сопругата и двете деца.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП