Благодарение на флертот на работа лицето станува самоуверено, задоволно и продуктивно, но тенка е границата меѓу безопасната игра и навлегувањето во нешто во кое многумина можат да бидат повредени.
Дефиницијата за флерт вели дека станува збор за безопасна игра на заведување чија цел е забава и прикажување на површно интересирање за некого, без било какви сериозни намери за постигнување на нешто повеќе или за формирање на љубовна врска, вели порталот „Woman Life Style“.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека се мора да остане во границите на нормалата, бидејќи флертот може да биде силна алатка која има многу предности – може да ја зголеми самодовербата, да опушти или да го намали стресот на работа, но и да создаде цврста поврзаност со колегите на работа и надвор од неа.
Уште поинтересен е фактот од американското истражување објавено во магазинот „Лична и социјална психологија“ кое вели дека жените го користат флертот на работа многу подобро од мажите во преговарањето и постигнувањето на своите цели.
Исто така, психолозите сметаат дека имањето на некоја блиска личност во работната околина помага при отстранувањето на лошото чувство за конкуренција на работа, од што како резултат може да произлезе зголемена продуктивност и целокупно задоволство на работа.
Меѓутоа, иако не постои видлива граница, ние никогаш не смееме да заборавиме дека таа се наоѓа токму таму каде што ја дели забавата од непријатноста и сериозната врска.
„Поставувањето на граница има клучна улога во тоа да не заборавите што е соодветно однесување во деловното опкружување“, велат експертите.