26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМеѓународна конференција за платни системи

Меѓународна конференција за платни системи

new-euro-banknotes

Народната банка на Република Македонија во соработка со централните банки на Холандија и Португалија ја организира Седмата конференција за платните системи и системите за порамнување хартии од вредност, што почнува денеска во Охрид. На отворањето на конференцијата ќе се обрати гувернерот на НБРМ Димитар Богов.

Повеќедневната конференција има меѓународен карактер и во неа ќе земат учество претставници од деловните банки, клириншките институции и Министерството за финансии на Македонија, претставници од централните банки на Бугарија, Полска, Словачка, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска, Црна Гора и на Чешка, како и претставници на „Еуроклиар“ (Euroclear) и „Комерцбанк“ (Commerzbank).

На Конференцијата ќе учествува и претставник на Комитетот за системите за плаќање и порамнување при Банката за меѓународни порамнувања, кој ќе ја промовира Црвената книга за системите за плаќање, клирингот и порамнувањето во Република Македонија, издадена од Банката за меѓународни порамнувања во соработка со Народната банка на Република Македонија.

Конференцијата за платни системи и системите за порамнување хартии од вредност, којашто по седми пат се одржува во Република Македонија, прераснува во еден вид платформа за активна соработка меѓу централните банки, како во регионот, така и пошироко во Европа, на која учествуваат централните банки од земјите-членки на Европската унија и земјите- кандидатки за членство.

Се очекува Конференцијата да понуди размена на искуства од областа на платните системи и системите за порамнување на хартиите од вредност и нивната интеграција во рамки на Европската Унија, иновативните, општественокорисните и сигурните платни производи и услуги, финансиската вклученост и платежните канали на пренос на дознаки, управувањето со обезбедувањето и ликвидноста, како и на безбедносните аспекти на плаќањата.

Конференцијата треба да придонесе за збогатување на познавањата на домашните експерти од областа на платните системи, со што би се подигнале капацитетите за непречена интеграција на Република Македонија во ЕУ, како и подобрување на оперативната подготвеност на НБРМ за приклучување во системот на Европските централни банки во делот на плаќањата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП